Онлајн концерт на џез музичарот Шамба

Со АКТО муралите, онлајн ретроспективна изложба се одбележа јубилејот од 15 години на АКТО – фестивалот на современа уметност. Оваа година фестивалот започна со изведба на седум мурали во Битола, Скопје, Гевгелија, Велес, Кочани, Прилеп, Кавадарци.

Во склоп на јубилејот на АКТО, денес со почеток во 12 часот ќе се одржи онлајн концерт на музичарот Шамба, кој ќе се одржи во дворот на Железничката зграда во Скопје. Музичарот ќе се претстави со неговиот последен авторски материјал, а ќе биде придружен од талентирани млади музичари.

„Музиката е испреплетена со најразлични музички влијанија, но најлесно жанровски би се одредило како поп. За прв пат во неговото творештво динамиката на неговите композиции е одредена од текстови низ кои се провлекуваат темите љубов, природа, оптимизам, песимизам, трансцеденталност и носталгија“, велат организаторите.

Преку онлајн ретроспективната изложба, можат да се погледнат интервенциите во онлајн просторот со пораките и идеите кои АКТО ги емитувал изминативе 15 години, кои претставуваат форма помеѓу акција и интервенција во онлајн просторот. Изложбата претставува омаж од сите 19 досегашни изданија на АКТО во период од 15 години.

Во рамки на јубилејот се одржа и настанот „Зборува АКТО“ каде дел од тимот, продуцентите, кураторите, dj-и, гостите, учесниците на фестивалот беа дел од емисијата „Првата убава работа во денот“ со Зоки Бејбе и Зија Вишко, во која беше направен целосен осврт на уметничкиот концепт, на темите и простори, на учесниците и на целиот тим и ангажманот на фестивалот во општествено-политичкиот контекст во годините од 2006-2020.