Онлајн кампања: Сподели посвета за луѓето кои ги загубивме од предозирање

Секоја година, илјадници луѓе умираат од предозирање со алкохол, легални дроги препишани од доктори како резултат на некоја траума и болка, како и нелегални дроги. По повод 31-ви август, Интернационален ден за подигање на свеста од предозирање, ХОПС започна онлајн кампања преку која граѓаните можат да споделуваат приказни за нивните роднини или пријатели, кои ги загубиле животите поради предозирање.

„Некои предозирањето го преживуваат и остануваат со трајни трауми кои влијаат на самите семејства и пријатели. Овој проблем не е невидлив. Ова може да се случи на луѓето кои ги сакаме“, се вели во повикот за кампањата на ХОПС.

Тие сметаат дека посветите се прекрасен начин на изразување на љубов и почит кон оние што ги загубиле животите од предозирање. Затоа, ги повикуваат граѓаните активно да се вклучат преку споделување на искрени приказни.

Како што стои во повикот на оналјн кампањата, граѓаните кои сакаат да споделат посвета, тоа може да го направат користејќи ги хаштаговоте #OverdosedayMacedonia и #ХОПС. Оние, пак, кои сакаат да останат анонимни, може да пишат во инбокс на Фејсбук страницата на ХОПС, а потоа, тие ќе ја споделат посветата.

Посветите може да се споделуваат и на Твитер, користејќи ги истите хаштагови и споменување на профилот на ХОПС, @hops_mk.

Покрај онлајн кампања, од организацијата најавија дека нивните центри се отворени за средби со граѓаните кои сакаат да разговараат на оваа тема. Центрите во Капиштец и Шутка ќе бидат отворени за јавноста од 10-12 часот, додека центарот во Мавровка ќе функционира од 13-15 часот.