Онлајн изданието на музичкиот фестивал „Егзит“ ќе го предводат Карл Кокс, Нина Кравиц и Бен Клок

Овогодишното издание на музичкиот фестивал „Егзит“, ќе се одржи онлајн, а Карл Кокс, Шарлот де Вит, Нина Кравиц и „Офенбах“ се музичарите кои ќе бидат во првата изведувачка постава на фестивалот, на кој се очекува свој настап да имаат регионални и глобални музичари.

Оваа година, фестивалот ќе го насочи вниманието на планетата преку соработката со Светската програма за храна на Обединетите нации.

Од 3 до 6 септември на „денс“ арената на „Егзит“ програмата ќе ја предводат Шарлот де Вит, како и „резидентот“ во „Бергхаин“ – Бен Клок. Виртуелно, ним ќе им се придружи и добитникот на „Греми“ награда, диџејот Карл Кокс, но и Пол Ван Дајк  и Нина Кравиц.

Покрај нив на Петроварадинската тврдина лично ќе пристигнат и  Диџеј Тенис, Сатори, „Офенбах“, Бурак Јетер и Махмут Орхан, како и младата ѕвезда Еце Екрен.

Посебно место во програмата и на бината на денс арена зазема поставата на регионалните електронски изведувачи како Марко Настиќ, Илија Ѓоковиќ, „Лаг“, „Коес“, „Спејс Моушн“ и „Афтер Афер“ во заеднички сет со Кристијан Молнар.

Стримот на фестивалот ќе може да се следи преку официјалната интернет и фејсбук страница на „Егзит“ фестивалот, а за време на програмата на гледачите ќе им бидат претставени културни и туристички знаменитости на Нови Сад и Србија.

За време на настапите на изведувачите ќе се емитуваат видео материјали и пораки кои говорат за заштитата на околината и кризата со глад, а покрај музичкиот фестивал се подготвува и меѓународен панел на кој ќе се расправа за овие проблеми во соработка со Светската програма за храна на Обединетите нации.

Со оглед на пандемијата и мерките за карантин, предвидувањата се дека ситуацијата ќе доведе дури 270 милиони луѓе во проблем со екстремен глад пред крајот на 2020 година, што е зголемување на 80 отсто во однос на претходната година, а последиците ќе бидат најсурови за оние кои се веќе ранливи.