Онлајн или во училница – надлежните разгледуваат опции, учениците поделени

Учениците имаат поделени ставови на прашањето дали наставата во второто полугодие треба да биде од далечина или пак со физичко присуство. Во меѓувреме, надлежните почнаа да разгледуваат опции.

Според Инстаграм анкетата на Радио МОФ, за дел од учениците, опцијата со онлајн учење е добра додека трае сезоната на грип и бројките на заболени од КОВИД-19 се големи. Други, пак, се уверени дека со физичко присуство, наставата е поквалитетна и поефективна.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Radio MOF (@radiomof)

Членовите на Комисијата за заразни болести денеска се состанаа за да ги разгледаат можните опции за продолжетокот на учебната година. Па така, се дискутирало за евентуалната промена на почетокот на второто полугодие. Покрај ова, на состанокот се разгледала и можноста за скратување на времето на изолација на позитивни од КОВИД-19 кои се асимптоматски случаи.

„Одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата. Одлуката за почетокот на второто полугодие од учебната година ќе биде усогласена и со Министерството за образование и наука“, информираат од Министерството за здравство.

Група родители на ученици изразија загриженост поради нагорната линија на позитивни лица на Ковид-19.

Тие вчера пред Владата побараа од Министерството за здравство, заедно со Министерството за образование и наука да донесат одлука со која второто полугодие ќе започне со онлајн настава за сите ученици.

Според нив, нема услови за настава со физичко присуство во како што велат тесни училници, непочитување на протоколи, нетестирање на ученици и персонал и отворени прозорци во зимски услови.

Околу 260 илјади ученици во основните и средните училишта се на тринеделен зимски распуст, кој ќе трае до 19 јануари. Според календарот на Министерството за образование и наука, наставата треба да продолжи на 20 јануари.

Е.П.