Онлајн едукативен вебинар „Училишни градини – никулци во борбата против климатските промени“

Утре со почеток од 19 и 30 часот, ќе започне едукативниот онлајн настан, вебинарот „Училишни градини – никулци во борбата против климатските промени”, во организација на „Слоу Фуд Водно“.

Настанот ќе може да се проследи преку онлајн-платформата „Зум“, a истовремено ќе биде и достапен на Фејсбук страната на „Слоу Фуд Водно“.

„Една од улогите на Слоу Фуд е едукативната, која секојдневно да нè учи да ја вреднуваме храната и луѓето кои ја произведуваат. Наједноставниот начин кој се покажа како успешен е вклучувањето на најмладите во процесот на одгледување и производство на своја сопствена храна, токму во училишните градини“, пишуваат организаторите.

Оттаму велат дека кога децата имаат шанса да учат од сопственото искуство за трпеливоста, трудот, вештината и грижата кои се неопходни во секој чекор при производството на храната, од нива до трпеза, храната добива поголемо значење.

Преку сензорни работилници за набљудување на околината, учење низ култивирање на локални и автохтони сорти на растенија, примена на искуствата и знаењето од локалното население во одржувањето и управувањето со градините, училишните градини придонесуваат кон зајакнување на заедницата, даваат можност за креативно изразување при имплементација на наставната програма од формалното образование, како и градење на еколошки свесни млади единки, пишуваат организаторите.

Во рамките на настанот ќе учествуваат Василка Стефановска, лидер на Слоу Фуд Водно, Јасна Ѓеоргиевска, психолог во ООУ „Гоце Делчев“, с.Могила,  д-р Маргарита Давитковска, професорка на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, д-р Звезда Богевска, професорка на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, Славица Зафировска, наставник во ООУ „Крсте Петков Мисирков”, Биљана Илиева, наставник по биологија во ООУ „Св. Климент Охридски”, с. Драчево.

Вебинарот ќе го модерира Катерина Јордановска, координатор на проектот „Училишна градина – училница на иднината”, а како техничка поддршка за време на настанот ќе учествува и Биљана Митреска, координатор на проектот „Храна за промени – како одговор на климатските промени”.