ОН со резолуција за заштита на приватната сфера на интернет

Резолуцијата за заштита на човековите права на интернет е изработена од Германија и Бразил и таа ја става во фокус заштитата на приватната сфера во дигитална ера. Таа е директна реакција на шпионската афера, но во документот ниту една земја не се споменува поединечно, објави Дојче веле.

ОН со резолуција за заштита на приватната сфера на интернет

Под притисок на САД и други држави, во текот на расправата во Комисијата за човекови права на Генералното собрание на Обединетите Нации се направени корекции на првичниот текст на документот, како на пример – надгледувањето на интернет комуникацијата да не се третира како повреда на човековите права во секој случај, како што беше предвидено во првичната верзија на текстот.

Германските дипломати се сепак задоволни. „Првпат со една резолуција на ОН се утврдува дека истите права што луѓето ги имаат ’офлајн’ треба да бидат заштитувани и ’онлајн’“, изјави германскиот амбасадор во ОН, Петер Витиг. Текстот јасно става до знаење дека „незаконско и своеволно надгледување“ може да значи повреда на слободата на мислење и на правата во приватната сфера. Бразилскиот амбасадор во ОН, Антонио Патриота изјави дека сега секој ќе може да користи интернет, без да се плаши.

Во документот сите влади се повикани да ги преиспитаат своите постапки, практики и закони при надгледувањето на комуникациите и да им стават крај на повредите на приватната сфера. Германија и Бразил успеаја да издејствуваат комесарката за човекови права на ОН, Нави Пилај наредната година да поднесе извештај за програмите за надгледување на тајните служби и за заштитата на приватната сфера.

За резолуцијата сега треба да се гласа на Генералното собрание на ОН, но тоа важи речиси за сигурно откако таа беше прифатена од страна на надлежната комисија. За разлика од резолуциите на Советот за безбедност, резолуциите на Генералното собрание не се правно обврзувачки. Сепак, тие имаат големо политичко и морално значење.