ОН: Слободниот пристап на интернет е основно човеково право

Советот за човекови права на Обединетите нации усвои резолуција според која на државите им е забрането намерно да го прекинуваат пристапот на интернет на своите граѓани.

Резолуцијата е продолжение на веќе усвоените ткн. „дигитални права“, со што понатаму се зацврсти ставот на организацијата дека „истите права кои луѓето ги имаат офлајн мора да се штитат и онлајн“, особено слободата на изразување покриена со член 19 од Универзалната декларација на човекови права.

Резолуцијата беше усвоена со консензус во петокот. На неа се противеа малцинство на држави, како Русија, Кина и Саудиска Арабија, Јужна Африка и Индија. Овие нации ги повикале ОН да избришат дел од резолуцијата според кој „се осудуваат мерките кои намерно превенираат или спречуваат пристап до информациите на интернет“, пренесува The Verge.

Ваквите резолуции не се правосилни, но ставаат притисок на владите доколку не ги почитуваат. Одлуката на ОН да цели кон исклучувањето на интернет е особено важно, бидејќи владите почнаа слободно да го користат овој метод како начин на контролирање на граѓаните во слободното изразување.

Само изминатиот месец, социјалните медиуми беа блокирани во Турција после терористичкиот напад на аеродромот во Истанбул, мобилниот интернет бил исклучен во Бахреин и Индија поради локални протести, а социјалните медиуми беа блокирани во Алжир за студенти да не мамат на училишни тестови. Според групата за заштита на дигитални права Access Now, досега имало 15 исклучувања на интернет во 2015 година низ светот, и најмалку 20 само во 2016 досега.