65,6 милиони луѓе се бегалци, баратели на азил или внатрешно раселени низ светот, се наведува во новиот извештај Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации. Ова претставува нов, негативен рекорд на раселени луѓе на планетата.
51% од раселените се помлади од 18 години, додека претходната година имало 10,3 милиони нови раселени лица. Проценетата бројка во годишниот извештај е од крајот на 2016 година и претставува зголемување за 300 илјади луѓе во споредба со 2015 година. Тоа значи дека секоја минута по 20 лица се принудени да ги напуштат своите домови.
Зголемувањето е далеку помало од периодот 2014-2015, кога бројот на раселени лица се зголемил за пет милиони луѓе.
Претходниве две децении, светската популација на принудно раселени лица драстично пораснала од 33,9 милиони во 1997 година, на 65,6 милиони во 2016-та.
Сепак, Високиот комесар за бегалци на Обединетите Нации Филипо Гранди смета дека ситуацијата е обесхрабрувачки пораз за меѓународната дипломатија.
„По секој основ ова е неприфатлива бројка. Светот очигледно не успева да постигне мир. Гледате стари конфликти кои продолжуваат да се развлекуваат, а избиваат нови конфликти. И двата создаваат раселување… принудното раселување е симбол за војните кои никогаш не завршуваат“, вели Гранди.
Тој истовремено предупредува на тоа што товарот е ставен на некои од најсиромашните земји во светот, бидејќи 84% од раселените лица живеат во земјите со ниски или средни приходи.
„Како да побарам од земјите со многу помалку ресурси во Африка, Блискиот Исток и Азија да примат милиони бегалци, ако побогатите земји одбиваат да го направат тоа?“, вели Гранди.
Во извештајот на Обединетите Нации организацијата се надева дека рекордните бројки на раселени лица ќе ги поттикнат богатите држави да размислат за промена на нивниот став – не само да прифатат повеќе бегалци, туку и да инвестираат во промоција на мирот и реконструкцијата.
Раселените во светот – во бројки:
Од 65,6 милиони раселени луѓе во светот:
- 22,5 милиони се бегалци
- 40,3 милиони се раселени во сопствената држава
- 2,8 милиони бараат азил
Од каде доаѓаат бегалците:
- Сирија: 5,5 милиони (уште 6,3 милиони Сиријци се внатрешно раселени)
- Авганистан: 2,5 милиони
- Јужен Судан: 1,4 милиони
Кој ги прифаќа бегалците?
- Турција: 2,9 милиони
- Пакистан: 1,4 милиони
- Либан: 1 милион
- Иран: 979.400
- Уганда: 940.800
- Етиопија: 791.600