ОН предупредуваат на „генерациска катастрофа“ поради затворањето на училиштата

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, предупреди дека светот се соочува со „генерациска катастрофа“ од затворањето на училиштата поради пандемијата со коронавирусот.

Тој додава дека безбедното враќање на учениците во школските клупи треба да биде врвен приоритет.

„Сега се соочуваме со генерациска катастрофа која може да потроши огромен човечки потенцијал, да го поткопа деценискиот прогрес и да ги зголеми и засили нееднаквостите“, изјави Гутереш во порака по повод кампањата на ОН „Спасете ја нашата иднина“.

Гутереш изјави дека од средината на јули затворени се училиштата во околу 160 светски држави, со што биле засегнати повеќе од една милијарда ученици, додека најмалку 40 милиони деца не посетуваат предучилишно образование.

На ова се надоврзуваат уште 250 милиони ученици кои и пред пандемијата не одеа во училиште, како и четвртина од учениците во средните училишта во земјите во развој, што ги остава без основни вештини.

„Во моментот кога локалната трансмисија на Ковид-19 ќе се стави под контрола, враќањето на учениците во училиштата на најбезбеден начин мора да биде врвен приоритет. Најважна е консултацијата со родителите, старателите, наставниците и младите луѓе“, рече Гутереш.