На Земјата моментално живеат 7,6 милијарди луѓе и таа бројка ќе биде зголемена на 9,8 милијарди до 2050 година и на 11,2 милијарди до 2100 година, се наведува во анализа на Обединетите нации. Во студијата на Економскиот и социјален совет на ОН пишува дека светската популација ќе се зголемува секоја година за околу 83 милиони луѓе.
Според проекциите, се очекува Индија да ја надмине Кина по број на жители до 2024 година. Во Индија сега живеат околу 1,3 милијарди луѓе, а во Кина 1,4 милијарди.
Од 10 држави со најголем број жители најбрзо се зголемува популацијата во Нигерија, соопштија ОН. Анализите упатуваат дека таа држава пред 2050 година ќе ги престигне САД и ќе биде трета држава по број на жители во светот зад Индија и Кина.
Македонија е една од државите чиешто население во наредниот период ќе се намалува. Според статистиката, во 2016 година во Македонија има 2.079.000 жители. Анализата покажува тренд на раст на населението до 2023 а бројот на населението и ќе достигне 2.090.000 жители.
За 20 години подоцна, односно во 2043 година, ОН предвидува дека бројот на жители во Македонија ќе падне до под два милиони односно ќе изнесува околу 1.990.000 жители.
Ваквиот надолен тренд ќе продолжи во наредните 50 години така што до 2100 година. Обединетите нации предвидуваат дека во Македонија бројот на жители ќе се намали за околу 650.000 жители и ќе стигне до 1.450.000 жители.
Во следните години ќе биде регистрирано и брзо стареење на населението во светот. Бројот на луѓето над 60 година се очекува да се зголеми двојно. Возрасната популација што сега е 962 милиони, ќе се зголеми на 2,1 милијарди во 2050 година и на 3,1 милијарди во 2100 година.