ОН бараат од Турција да ја укине забраната за Твитер

Обединетите нации денеска побарале од Турција да ја укине блокадата на социјалната мрежа Твитер, истакнувајќи дека оваа  одлука не е во согласност со меѓународните обврски на Турција, во однос на човековите права, пренесе АФП.

ОН бараат Турција да ја укине забраната за Твитер

„Правата што луѓето ги имаат во реалниот живот мора да се почитуваат и на Интернет. Затоа бараме од властите да ја укинат блокадата“,  вели за агенцијата портпаролот на високиот комесар на ОН за човекови права, Руперт Колвил.

Пред неколку дена турската Агенција за телекомуникации го блокираше пристапот до Твитер по налог на премиерот Реџеп Таип Ердоган, а откако претставници на опозицијата на Твитер објавија транскрипти од телефонски разговори, кои укажуваат дека Ердоган имал улога во актуелниот корупциски скандал.

Според Колвил, ОН уште во февруари укажале дека донесувањето на закон што овозможува забрана на Твитер во Турција ја крши слободата на изразувањето и правото на приватност.