ОН: 2016 ќе биде забележана како најтопла година во историјата

Две илјади и шеснаесетта најверојатно ќе биде најтоплата година во историјата, а ќе постави и најнов рекорд трета година по ред, покажува истражување на Обединетите нации. Тоа значи дека 16 од 17 најтопли години во историјата, се случиле во овој век.

Високите температури низ светот, како и екстремните климатски услови кои ги предизвикуваат, значат дека влијанието на климатските промени на луѓето доаѓаат порано и со поголема разорност отколку што се очекуваше, велат научниците.

Извештај на Светската метеоролошка организација, објавен денес на Глобалниот климатски самит во Мароко, покажува дека глобалната температура во 2016 година е 1,2 степен Целзиусов над прединдустриските нивоа.

Климатскиот феномен Ел Нињо помогнал температурите да се зголемат уште повеќе на почетокот на 2016 година, но глобалното затоплување предизвикано од емисиите на стакленички гасови од човечките активности се сѐ уште најсилниот фактор.

„Уште една година. Уште еден рекорд“, вели генералниот секретар на СМО, Петери Таалас. „Дополнителната жештина од моќниот Ел Нињо исчезна. Но, топлината од глобалното затоплување ќе продолжи“.

Мајкл Ман, професор и истражувач на климатските промени од Пен Универзитетот во САД, вели дека „не смееме да заборавиме дека Мајката природа го има последниот збор, особено сега, откако САД избраа претседател кој се закани дека ќе го повлече Парискиот климатски договор“.

„Климатските промени не се дел од оние проблеми кои можат да бидат одложувани од една година за друга. САД и светот се веќе наназад, а брзината е најзначајна, бидејќи климатските промени и нивните влијанија доаѓаа побрзо и поразорно одошто очекувавме“, заклучува.