Светот се соочува со најголемата хуманитарна криза од крајот на Втората светска војна, а повеќе од 20 милиони луѓе во четири држави се соочуваат со изгладнување до смрт, предупредува генералниот секретар на ОН за хуманитарни акции, Стивен О’Браен.
Без колективни и координирани глобални напори, „луѓето едноставно ќе изгладнат до смрт“, а „многу повеќе ќе патат и умрат од болести“, изјавил О’Браен пред Советот за безбедност на ОН во петокот.
Тој повика на итно зголемување на хуманитарните фондови за Јемен, Јужен Судан, Сомалија и североистокот на Нигерија, како и на безбеден и непречен пристап за хуманитарната помош, со цел да се „спречи катастрофа“.
„Или, да бидеме прецизни“, вели О’Браен, „ни требаат 4,4 милијарди долари до јули“.
Освен ако не дојде до голем наплив на пари, вели тој, децата ќе патат од сериозна неухранетост и нема да можат да одат на училиште, придобивките во економскиот развој ќе бидат изгубени и „животите, иднините и надежта ќе бидат изгубени“.
ОН и организациите за спречување на глад го дефинираат гладот како состојба во која повеќе од 30 проценти од децата под пет години патат од сериозна неухранетост, а стапките на смртност се два или повеќе смртни случаи на 10000 луѓе секој ден.
„Уште на почетокот на годината се соочувавме со најголемата хуманитарна криза од создавањето на Обединетите Нации во 1945. Сега, повеќе од 20 милиони луѓе во четири земји се во опасност од изгладнување“.
О’Браен вели дека состојбата е најсериозна во Јемен, каде две третини од населението – 18,8 милиони луѓе имаат потреба од помош, а повеќе од седум милиони се гладни.
„Не знаат од каде ќе дојде нивниот нареден оброк. До јануари, ќе има уште три милиони гладни“, заклучува секретарот.