Омаж за режисерката Билјана Гарванлиева на Контра кадар СК 29

„Мене како режисерка на документарни филмови ми е многу важно жената да биде претставена достојно, како жена борец, како хероина, токму онаква каква што ја знаеме од реалниот живот.“, беа зборовите по кои ќе остане запаметена режисерката Билјана Гарванлиева, која неодамна почина.

Контра кадар Скопје сака да и одаде почит со тоа што следното издание ќе биде еден вид на омаж за неа. Во понеделник (31 октомври), со почеток во 20 часот во кино Култура, ќе се прикажуваат нејзините филмови „Девојчето со хармоника“ (2006), „Девојчето што бере тутун“ (2009), „Шивачките” (2010) и „По дождот“ (2013), по што следува разговор со најблиските луѓе на Гарванлиева.

„Поаѓајќи од својот пример, таа во своите филмови ја покажа хероината – жената борец! Додека неверојатно вредно, креативно, упорно и доследно го издигнуваше своето семејство, се родија и овие нејзини чеда. Речиси за неверување е како за толку краток период сними толку многу. Борејќи се за животот на своите документарци, тука, во Германија, на фестивалите, како слободен уметник се бореше и за егзистенција на своето семејство, а истовремено и со болеста на своето тело“, велат од Контра кадар СК.