Олимпискиот вицешампион Фејис Лилеса не се врати во Етиопија по протестниот гест

Етиопскиот маратонец Фејиса Лилеса, кој се најде на насловните страници за време на Олимписките игри во Рио, по протестниот гест при преминување на целната линија, нема да се врати во родната земја, поради страв од одмазда.

Лилеса, кој освои сребрен медал, не се качи на авионот кој синоќа полета за главниот град на Етиопија, Адис Абаба, пренесува Франс прес.

Етиопските власти, ниту го споменаа медалот, кој е осми што државата го постигнала на овие игри, ниту пак, одговорија на прашањата за маратонецот.

Овој 26-годишен спортист ги прекрсти рацете над својата глава на целната линија во неделата и го повтори истото за време на церемонијата за доделување на наградите. Со гестот, Лилеса го осуди владиното насилство за време на протестите во регионот Оромо, во Источна Африка, од каде тој потекнува.

Етиопската влада претходно изјави дека спортистот ќе добие херојско добредојде и дека нема да се соочи со никаква казна, но очигледно Лилеса не сака да ризикува, па имаше најави дека планира да побара азил во Америка.

„Тој не сака да оди во Етиопија, тој сака да оди во друга држава“, вели неговиот агент Федерико Роса. „Јас дури не знам кога одлучи да го направи тоа“, додаде тој.

Интернет заедницата застана во одбрана на Лилеса, покревајќи онлајн кампања со која собраа повеќе од 100 000 долари за него.

„Вакво нешто не се прави за пари“, рече Роса. „Тој го направи ова за да ја одбрани својата држава“.