Олга Рајчиќ: Младите ќе треба да се справуваат со корупцијата во нашето разрушено општество

Анти Корупција Интернационал – Македонија е младинска организација чија цел да ги обедини и поврзе младите од Македонија со младите од целиот свет во борбата против корупцијата. Новото здружение ќе биде промовирано вечерва, на Универзитетот МИТ, како платформа на која младите ќе можат да ги споделат своите искуства со корупцијата, а воедно ќе ги испитува и разоткрива коруптивните дејствија на локално и национално ниво.

Главна цел, вели претседателка на организацијата Олга Рајчиќ, е да спроведат масовна едукација на младите луѓе  за корупцијата и начинот со кои можат да се справат со неа.

„Имаме намера да ги охрабриме младите луѓе да зборуваат за своите проблеми предизвикани од корупцијата и да делуваат во насока на нивно сузбивање. Тоа сакаме да го постигнеме преку меѓународна соработка, здружувајќи го талентот, вештините и амбициите на младите луѓе од целиот свет“, вели таа.

До иницијативата за создавање на ваква организација дошле откако двајца членови и основачи на АКИ – Македонија годинава учествувале на студентска меѓународна конференција во Трондхајм, Норвешка, чија тема била корупцијата. Инспирирани од целиот настан, одлучиле да направат проект преку кој ќе можат директно да делуваат на тој проблем.

„Јас и мојот пријател и соработник Марјан бевме дел и од поставувањето на темелите на светското движење за антикорупција. Во март овој меѓународен проект, чие што седиште е во Норвешка, стана реалност. Како што растеше организацијата, дојде и моментот кога младите требаше да се обединат на национално ниво и да почнат со спроведување на проектите, кои треба да донесат промени во секое општество“.

Свесни за моменталната ситуација во нашето општество, ја воочиле потребата за отворање на  здружение во Македонија, со цел да ги поттикнат младите да заземат став и да се вклучат во борбата против корупцијата и во Македонија.

„Според многу бројни статистики, па дури и во последниот извештај на ЕУ, е посочено дека најголемиот проблем со кој Македонија треба да се справи е корупцијата. Истовремено, направено е истажување каде што може да се види дека скоро половина население во Македонија би се впуштиле во коруптивни дејствија. Сите овие статистики се застрашувачки и загрижувачки за нас младите, затоа што ние сме тие кои треба да останеме и да работиме токму во ова, изгледа по малку разрушено опшество“, вели Рајчиќ.

Смета дека иако има доста организации кои работат на полето на антикорупција во Македонија, се чини дека не успеале да допрат до обичниот граѓанин. Токму затоа, вели, ваквата младинска организација за антикорупција  му треба на ова општество.

„Алармантните податоци ни укажуваат дека младите конечно треба да се вклучат и да делуваат во овој сектор. Светските индекси покажуваат дека 50% од населението се младите луѓе, што значи дека тоа е целната група каде што свеста може да се промени. Едукација за корупцијата е она што недостасува во Македонија, затоа што многу млади луѓе не се запознаени со видовите на корупција, како и негативните последици од истата“.

Оваа младинска организација е национален огранок во светската организација Anti Corruption International. Секој член во Македонија, е воедно член и на светското младинско движење за антикорупција. Во АКИ Македонија може да се зачлени секој граѓанин на Република Македонија кој има од 18 до 35 години и кој поседува желба и истрајност да направи некаква позитивна промена во општеството на полето на корупцијата, наведуваат од младинската организација. Заинтересираните треба да пополнат пристапница, која може да се најде на нивните Facebook страна, е-маил или профилите на социјалните мрежи.

Македонија според најпознатиот индекс за рангирање на државите по степенот на корупција е Corruption Perception Index, изработен од Transparency International, е рангирана на 64-то место, од вкупно 175 земји.

„Освоеното место го делиме со Турција и Оман, додека сме приморани за пример да ги земеме Руанда и Куба кои се рангирани како помалку коруптивни држави, а впрочем не ни делат демократски вредности. Тие се диктатури. Македонија има 45 поени, а една држава слободна од корупција треба да има 0“, заклучува Рајчиќ.

Стефанија Тенекеџиева