Old School – осум години уметнички расадник во мало место со голема душа

Old School е мало кафуле со голема душа, кое постои веќе осум години. Низ неговиот праг имаат поминато многу музичари, и познати и такви кои останале „забележани само во нивните мемоари“, вели менаџерката Софи Скендеровска. За нивниот осми роденден, Old School го организираат настанот „8 години Уметнички расадник“. Во разговор за Радио МОФ, Софи открива што ќе се случува на роденденската прослава, но и како Old School стана култно место во Скопје.

Old School неделава слави осми роденден. Во таа чест, деновиве се одржува четиридневниот настан „8 години Уметнички расадник“. Колку низ годините Old School „расадуваше“ култура во Скопје?

Old School сериозни години е дел од градењето и негувањето на културниот ноќен живот. Се трудиме да останеме доследни на она што сме го ветиле, па затоа правиме неделна програма која можете да ја посетите од 1 септември до 10 јуни. Секоја година со комбинација од нешто што веќе сте го виделе во нашето кафуле и нешто ново. Ги слушаме советите на нашите гости, тие се дел од нас, така успеваме да ги задоволиме нашите, но пред сè нивните желби. Тука сме посебни.

Што ќе се случува од 21 до 24 април?

Old School секоја година традиционално го слави роденденот на малку поинаков начин. Оваа година, акцентот го ставаме исклучиво на луѓето кои го одбрале нашето место за втор дом, а се битен дел до културниот живот од нашиот град.

Можеме сериозно да се пофалиме со изложба на осум музички албуми, промоција на три книги, изложба на накит и четири уметнички изложби. Овој настан се случува за прв пат во историјата на градов, нескромно ќе кажам дека толку многу уметност на едно место не понудил никој досега. Во овие денови ќе имаме и многу изненадувања и многу попусти.

Колку локалите во Скопје ја негуваат алтернативната сцена? 

Old School е местенце кое целосно е посветено на рокенролот, џезот и алтернативната музика. Веќе 8 години, пред сè отвораме врати на нови бендови на кои им треба промоција. Во Old School се имаат родено многу популарни имиња, а има и такви кои се влезени само во нашите мемоaри.

Скопје е град каде што се цени квалитетот, мора да се напомене дека имаме алтернативни места каде што се негува алтернативната музика. Интересно е дека сопствениците на локалите кои ја негуваат оваа сцена се почитуваат меѓусебно, постои дури и некој преќутен договор кога се работи за ангажирање на бендови и диџеи, што е прекрасно.

Како Old School прерасна во едно од култните места во Скопје?

Многу труд е потребен за да се издвоиш од другите, да станеш култен. Ние сме скромни, не се доживуваме така, но сепак имаме нешто посебно. Тој што влегол повеќе од два пати во Old School знае дека третиот пат бил дочекан како да си доаѓа дома. Ние вистински си ги сакаме луѓето, а љубовта е единствена работа за која не можете да излажете. Цените во нашиот локал не се променети од 2009 година, правиме вистинки јаки „Лонг Ајленди“, имаме супер маскенбали, даваме сè од себе да имаме на програмата од сè по нешто, за сечиј вкус. На крајот, јас и мојот Александар, кој меѓу другото ми е и бизнис партнер, најискрено си ја сакаме работата и сме посветени на неа.

Колку е сцената денес поразлична од пред осум години? Има ли ентузијазам и креативност кај младите?

Сцената не е воопшто различна. Скопје е град кој ја негува квалитетната музика. Така, ако си квалитетен остануваш, ако не, тогаш доаѓаат нови генерации кои вистински се трудат да бидат подобри од старите и така секојдневно добиваме на квалитет. Во овој град лошите музичари немаат работа. Вкусот на љубителите на алтернативната и рокенрол музиката е најчувствителен. Таму не се останува долго ако не го понудиш најдоброто. Кога сме кај креативноста, би сакала да ги издвојам Black and Vice Social Club, Steel Temple, Minstrel’s Galery, Foolish Greeen, Fierce.. Тоа се тие млади бендови на новото време, на новите генерации. Тоа е она што според мојот вкус за музика треба да го слушаат денешните деца.  Имаме музика за уживање.

Со кои проблеми се соочуваат угостителите во Скопје денес? Тешко ли е да се одржува тој бизнис и кои се најголемите предизвици?

Според мене, најголемиот проблем во угостителството се појави со законот за пушење. Законот направи хаос во ноќниот живот. Еден од проблемите со кои се соочуваме се секако и истите казни за сите, па така казната што важи за еден угостителски објект од 50 квадратни метри, важи и за оној од 300 квадратни метри. Сметам дека не е ист аршинот за сите. Има огромен број на луѓе кои сметаат дека доколку отворат угостителски објект, ќе се збогатат преку ноќ. Не оди тоа баш така. Од оваа работа не останува вишок. Тоа што ќе го заработиш едноставно пак го оставаш во локалот. Тоа е круг. Мора да има огромна љубов и многу трпение. Нашиот главен предизвик е да си ги исполниме сопствените очекувања. Си ги пуштаме нозете колку што ни е чергата.

Како вам ви успеа да опстоите осум години?

Сериозно ме замисли прашањево. Одговорот не лежи во мене, одговорот го имаат нашите редовни гости, оние што биле редовни гости и се враќаат повторно, оние на кои го имаме посветено настанов што ќе се случува викендов. Задоволството да се работи со уметници од овој калибар е непроценливо. Old School има душа, тоа е тоа што секојдневно не одржува во градов овие 8 години.

Стефанија Тенекеџиева