Околу 570 илјади луѓе во Газа се соочуваат со катастрофален глад, соопшти УНРВА

Агенцијата на Обединетите нации за помош на палестинските бегалци (УНРВА) денеска на платформата X (претходно Твитер) објави дека 570.000 луѓе во Газа се соочуваат со „катастрофален глад“, пренесува Н1.

Во текот на војната на Израел против Хамас досега се раселени мнозинството од 2.3 милиони жители на палестинската територија и создаден е акутен недостиг на храна, вода и лекови.

Во Рафа и Хан Јунис на југ, шаторите и импровизираните засолништа го покриваат речиси целото расположливо земјиште, а многу семејства живеат во преполни станови, засолништа на ОН во училиштата или спијат на болнички подови.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA) месецов предупреди дека израелските власти системски го блокираат пристапот до северниот дел на Појасот Газа и испораката на помош, што сериозно ги наруши хуманитарните операции.

Израел, кој претходно негираше дека ја блокирал помошта, ќе се соочи со притисок да дозволи повеќе испораки денеска на состанокот на Советот за безбедност во Њујорк.