Околу 500 скопски средношколци ќе го учат јазикот на своите соученици

Шестотини скопски средношколци и наставници од 23 средни училишта на Град Скопје ќе бидат дел од проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“.

Деновиве започна да се реализира четвртиот циклус тримесечна бесплатна онлајн настава за изучување на македонскиот, албанскиот и турскиот јазик.

„На овие часови младите ќе имаат можност да стекнат основни познавања на јазикот на кој зборуваат нивните соученици, што ќе придонесе за нивна полесна јазична социјализација. Проектот има за цел стимулирање на училишните заедници да градат и развиваат позитивни интеракции помеѓу учениците и наставниците од различни етнички заедници“, велат од Град Скопје.

Со оваа активност ќе бидат опфатени вкупно 594 наставници и ученици, дел од нив ќе следат почетен степен, а дел продолжителен.

Па така, 234 ученици и 3 наставници ќе следат почетна настава за изучување на македонскиот јазик. Потоа, 71 ученик и 17 наставници ќе следат почетна настава за изучување на албански јазик, додека 12 ученици и 27 наставници ќе следат продолжена обука. Покрај ова, 172 ученици и 36 наставници ќе посетуваат почетна настава по турски јазик, додека 11 ученици и 11 наставници ќе следат продолжителна обука.

Часовите на изучување на јазиците ги држат наставници вработени во средните училишта и истите се логистички и финансиски поддржани од Град Скопје.

Проектот е дел од Стратегијата на Град Скопје за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост и во Програмата за активности на Град Скопје од областа на образованието за 2022 година.