Околу 40 жени годишно умираат од рак на грлото на матката

Во просек околу 40 жени секоја година умираат од рак на грлото на матката. Осум случаи на рак на грлото на матката се откриени во првите девет месеци од годинава преку организираниот скрининг со ПАП тест, соопштија денеска од Институтот за јавно здравје.

Во првите девет месеци од годинава биле направени 31.630 ПАП тестови, но тоа не е доволно, велат од Институтот.

Оттаму повторуваат дека жените треба да прават превентивни прегледи и секоја втора година да бидат опфатени со скринингот за превенција и рано откривање на ракот на грлото на матката и да направат ПАП тест со цел да се откријат клеточните абнормалности и ако има развиен рак тоа да биде во рана фаза.

Проф.д-р Елена Ќосевска посочи дека најчести новооткриени случаи се оние со рак на дојки, по што следат случаите со рак на матката, дебелото црево, белите дробови и желудникот. Ракот на грлото на матката најчесто се појавува кај помладата популација.

„Изминатата година 30 лица починале од рак на грлото на матката, што е најнизок број споредено со последните десет години. Жените и посебно оние од ранливите групи треба да прават редовни контроли кај гинеколог за кои дел од ПАП тестирањата се бесплатни според превентивната програма за одредени возрасни група. Оваа година тоа се жени на возраст од 24 до 25 години, додека за догодина ќе бидат жени на возраст од 36 до 60 години, како и оние кои изминатата година не направиле такво тестирање, рече Ќосевска.