Околу 20.000 ресторани и кафулиња отворени во Полска во знак на протест против мерките за Ковид-19

И покрај строгите санитарни мерки и т.н. национален карантин кој е продолжен до крајот на месецот, во Полска во знак на протест против затворањето на економијата поради пандемијата со Ковид-19 и поради недоволната помош од владата, како што сметаат угостителите, отворени се околу 20.000 ресторани, кафулиња и пабови, соопшти Угостителската комора.

Рестораните и другите угостителски објекти беа затворени со уредба на владата на 23 октомври минатата година, а тие единствено можат да подготвуваат само храна за носење. Националниот карантин и строгите мерки за карантин требаше да завршат на 18 јануари, но владата ги продолжи до 31 јануари.

„Дури 20.000 претприемачи во угостителската индустрија кои не се вклучени во програмите за државна помош ја продолжија својата работа по 18 јануари. Комората доби информација дека само во еден ден, санитарната инспекција извршила 1.300 контроли во повторно отворените локали, па оттука се и нашите проценки за тоа колку од нив се отворени“, соопшти генералниот секретар на Угостителската комора Славомир Гжиб.

Комората застана во одбрана на угостителите кои ги кршат санитарните мерки, затоа што, како што објасни Гжиб, со работа продолжиле тие кои што немале што да изгубат, затоа што не добиле помош или немаат право на тоа, додавајќи дека „гостите кои само земаат храна за носење не може да спасат многу ресторани“.

„Ако не се промени ништо во програмата за државна помош, на крајот на март, угостителите колективно ќе ја тужат владата. Сакаме да се вклучат најмалку 650 стопанственици“, рече Гжиб.

Колективните тужби за карантинот во Полска веќе започнаа со неодамнешната пресуда на судот во градот Опол, со која беше поништена казната на санитарната инспекција во еден фризерски салон. Казната беше поништена со образложение дека владата нема уставно право да донесува такви мерки со владин декрет, туку исклучиво само по основ на закон, доколку не прогласила некој степен на вонредна или кризна состојба, нешто кое полската влада го нема направено.