Океаните „побогати“ за 1.56 милијарди заштитни маски

Се проценува дека во океаните ширум светот, годинава поради пандемијата, завршиле 1.56 милијарди заштитни маски, што остава сериозни последици врз морската флора и фауна, се вели во извештајот на невладината организација „Океаните на Азија“, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Во нивниот извештај се наведува дека морскиот свет поради непрописно отстранување на маските е загаден со дополнителни 4.680 до 6.240 тони пластика.

Пандемијата значително ја зголеми употребата на пластика за еднократна употреба, додека прифатливите еколошки политики се загрозени и уназадени, се вели во извештајот.

„Поголемата грижа за личната хигиена и почестото купување храна за носење резултира со зголемена употреба на пластика, особено на пластична амбалажа“, рече Гери Стоукс, директор на оперативниот оддел на организацијата.

Истовремено, во извештајот се истакнува дека за маските да се распаднат е потребно дури 450 години, додека за тоа време, микропластиката може значително да му наштети на морскиот свет и на екосистемите.

„Како резултат на загадувањето со пластика, годишно умираат околу 100.000 морски цицаци и желки, повеќе од милион птици, па дури и голем број риби и останати животни“, рече Стоукс.

„Процесот има исклучително негативно влијание врз риболовот и туристичката индустрија аи ја чини глобалната економија околу 13 милијарди американски долари годишно“.

Во извештајот се предлага почеста употреба на заштитни маски за повеќекратна употреба и се повикуваат владите да го забрзаат развојот на алтернативни видови маски, како и да ја едуцираат и информираат јавноста за правилно отстранување на отпадот.