Океаните никогаш во историјата не биле потопли, покажува истражување

Светските океани стануваат се потопли, а нивните температури продолжуваат да растат, покажува ново истражување објавено во Колорадо, пренесува „Ал Џазира Балканс“. Научниците велат дека главната причина е глобалното затоплување, односно климатските промени.

Минатата година беа забележани највисоките температури на океаните откако се мери тоа, што е шеста година по ред како се соборува овој рекорд.

„Температурите на океаните немилосрдно растат на глобално ниво, што е примарен показател за климатските промени предизвикани од човекот“, рече климатологот Кевин Тренберт од Националниот центар за атмосферски истражувања во Колорадо.

Потоплите океански води влијаат на создавање на посилни бури, урагани и екстремни врнежи, што го зголемува ризикот од поинтензивни поплави. Загреаната океанска вода се шири кон север и југ и ги уништува ледените плочи на Гренланд и Антарктикот, што пак влијае на порастот на нивото на морето.

Океаните апсорбираат околу една третина од јаглерод диоксидот предизвикан од човековите активности.

Како што се загрева светот поради согорувањето на фосилните горива, уништувањето на шумите и другите активности, океаните го преземаат најголемиот товар од дополнителната топлина. Така, океаните апсорбирале повеќе од 90 отсто од топлината произведена во изминатите 50 години, привремено заштитувајќи ја копнената флора и фауна од екстремно високи температури.