ОЈО Струга поведе постапка против две лица и инспектор од Министерство за животна средина

Основното јавното обвинителство (ОЈО) Струга соопштува дека на 16 март се забележани две лица како уништуваат добро (трска) под привремена заштита, односно природна реткост.

„Еден од осомничените во близина на плажата ‘Версус’ со кајче влегол во езерото и со срп ја сечел трската. Вториот осомничен го нарачал сечењето на трската со намера да се сопре природниот раст. Со ваквите дејствија осомничените постапиле спротивно на Законот за заштита на природата, во кој Охридското Езеро е класифицирано како споменик на природата и каде не се дозволени активности со кои се загрозуваат неговите обележја и вредности“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Надлежен јавен обвинител од Струга против двајцата осомничени започнал постапка заради сомнение за сторено кривично дело „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“.

Исто така, ОЈО Струга поведе постапка и против инспектор по природа од Министерството за животна средина за сторено кривично дело „попречување на правдата“ од член 368-а од Кривичниот законик. Предметот е отворен затоа што осомничениот одбил да излезе на лице место во моментот кога се сечела трската и да преземе дејствија по барање на јавниот обвинител.

„Во изминатиот период Основното јавно обвинителство Струга интензивно ја следи ситуацијата со уништувањето на трската на езерското крајбрежје, за што се издадени наредби за засилен надзор. Истовремено, до полициските службеници се издадени насоки за натамошно постапување во насока на откривање на сторителите и на прибавување докази“, велат од Обвинителството.