ОЈО: Не ја опструираме истрагата за Собранието, од МВР нема пријави за потешки дела

„Јавното обвинителство истакнува дека во ниту еден момент не ја опструира истрагата и не ги попречува надлежните органи за документирањето на настаните во Собранието на Република Македонија. Напротив согласно законот, јавното обвинителство дава наредби за откривање на истите и ќе постапи секогаш по сите кривични пријави со кои се документирани потешки кривични  дела. Воедно, секој кривично правен настан е посебен и не може да се повлекуваат паралели при постапувањето“.

Вака Основното јавно обвинителство (ОЈО) со соопштение до јавноста реагира за критиките и обвинувањата што стигнаа на негова адреса за несоодветно постапување за случајот со насилниот упад во Собранието на 27 април, кога беа повредени пратеници и новинари.

ОЈО – Скопје тврди дека досега имаат примено кривични пријави од Министерството за внатрешни работи (МВР) само против сторители осомничени за насилно влегување во Собранието на РМ и спречување на службени лица во вршење на својата функција.

„Потенцираме, Основното јавно обвинителство од МВР нема добиено кривична пријава против конкретни лица за сторени кривични дела, во смисла на нанесување на лесни, тешки телесни повреди и други дејствија. Доколку МВР поднесе  документирани пријави за потешки кривични дела и за сторители на потешки кривични дела, спрема нив ќе следуваат сразмерни мерки“, соопштуваат од Обвинителство.

Од таму додаваат дека самите преземаат дејства за документирање на целиот настан, но дека поради обемноста на бројот на претходно пријавени лица и на дејствата кои треба да се преземаат, „генерално, обвинителството работи во отежнати услови“.

„Во врска со настанот во Собранието на Република Македонија, до овој момент јавното обвинителство има дадено десетици наредби за откривање сторители на потешки кривични дела, но за нив Министерството за внатрешни работи нема прибрано докази, истите не се документирани, ниту обвинителството е известено за нивното постапување“, велат од Обвинителство.

Тврдат и дека се лимитирани во откривањето на криминалот и на сторителите на кривичните дела поради „неусогласеноста на Законот за јавно обвинителство со Законот за кривична постапка на криминалот“.

„Оваа неусогласеност е по исклучива вина на Министерството за правда, кое во последните пет години не постапува по поднесен предлог на јавното обвинителство за измена на Законот за јавно обвинителство, со која би биле овозможени претпоставките јавното обвинителство да постапува и во смисла на откривање на кривичните дела“, стои во реакцијата на Обвинителството.