ОЈО: На МИТ се запишувале студенти на факултети за кои Универзитетот немал дозвола

Првичните сознанија на Основното јавно обвинителството упатуваат на тоа дека на Универзитетот биле запишувани поголем број студенти на факултети за дентална медицина, козметологија и физиотерапија. Оттаму соопштуваат дека со проверка било утврдено дека оваа високообразовна институција не поседува дозвола за работа за Факултет за дентална медицина, додека за Факултет за козметологија и физиотерапија нема ниту дозвола, ниту акредитација.

За студентите кои биле запишувани да студираат на овие факултети во факултетската документација се водела паралелна евиденција – покрај онаа за коресподенција со студентите, друга за отчет пред државните институции, информира ОЈО.

Во претресите извршени во координација со Министерството за внатрешни работи, од просториите на Универзитетот и приватни објекти на лица вработени во него биле одземени компјутери, компјутерски податоци и друга многубројна релевантна документација.

„До Државниот просветен инспекторат беа поднесени 20 претставки од студенти на Универзитетот, кои потекнуваат од Република Турција. Реакции имало и од Амбасадата на Република Турција во Скопје, а во врска со студирањето на одделни факултети за кои Универзитетот нема добиено акредитација или дозвола за работа од Министерството за образование и наука“, се вели во соопштението.

„Основното јавно обвинителство – Скопје продолжува со преземање на дејствијата со цел расветлување на овој предмет, каде постојат основи на сомневање дека преку злоупотреба на службена положба и измама е вршен финансиски криминал. Со цел да не се попречи работењето на Универзитетот и правото на студирање на студентите запишани на оние факултети за кои Универзитетот поседува акредитација и дозвола за работа, Обвинителството уште денеска, по преземени неопходни дејствија, ќе ја врати компјутерската опрема во оваа високообразовна институција. Основното јавно обвинителство – Скопје со индигнација ги отфрла сите обвинувања и шпекулации за политички мотиви на своето постапување изнесени од лица кои се предмет на истрагата“, додаваат од ОЈО.

Сопственичката на Универзитетот Билјана Апостолова, пак, обвини дека станува збор за организирана политичка хајка против неа, поради нејзините јавно упатени критики кон власта.

МИТ денеска продолжи со настава и ги повика студентите да се појават на редовните предавања.

„Се известуваат сите студенти дека наставата ќе се одвива во регуларен тек. Бруцошите ќе следат обука за електронскиот систем, која ќе се одвива во објектот „Сити галери“ на плоштадот Македонија, во претходно закажаните термини“, пишува на веб-страницата на МИТ.