Охридско лето 2014 – програма полна со уметност, музика и драма

Бројни концерти, изложби, театарски претстави, но и филмски проекции годинава ќе бидат дел од 54-тото издание на „Охридското лето 2014“. Отворањето е најавено на 12-ти јули, а во рамките на годинешната програма во Охрид ќе допатуваат уметници од Македонија, Австрија, Италија, Аргентина, Русија, Хрватска, Кина, Германија, Полска, Албанија, Србија, Франција, Израел и Црна Гора. Богатата културна програма ќе трае четириесетина дена.

Охридско лето 2014 - програма полна со уметност, музика и драма

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде во сабота, во Античкиот театар со настапот на Барбара Фритоли-сопран (Италија), Лео Нучи-баритон (Италија), Луис Горелик- диригент (Аргентина) и Македонската филхармонија. Веќе на 13-ти јули е најавена изложбата на Леополд Форстнер од Австралија, насловена „Офицерот Форстнер. Еден уметник на виенскиот југендстил на Балканот.“, како и концерт на пијано на руската пијанистка Елизабет Леонскаја.

Присутните годинава во Охрид ќе можат да ја погледнат премиерата на театарската претстава „Многу врева за ништо“ во изведба на Театар комедија-Скопје закажана за 18-ти јули, премиерата на„Ждрело“ во изведба на Драмскиот Театар – Скопје, како и на црната комедија „Предавање“ во режија на Ќендрим Ријани. На 21-ти јули ќе се одбележи 65 годишниот јубилеј на „Танец“- Ансамбл за народни игри и песни Македонија.

За 1-ви август во Античкиот театар ќе настапи култниот израелски состав „Вока Пипл“ (The Voca People) , а еден ден потоа во Центарот за култура „Глигор Прличев“ со почеток во 17 часот е најавен филмскиот маратон со филмови на режисерот Љубиша Георгиевски.

Уникатниот и шармантниот глас на Џанлука Белфјори (Италија) на 16-ти август, ќе можат да го слишнат посетителите на „Охридско лето“ што ќе го проследат концертот „Ноќ во Париз“ на извонредниот Габриел Такино-пијано (Франција), Џанлука Белфјори– контратенор (Италија) и Маурицио Морети-пијано (Италија).

Затворањето на „Охридско лето 2014“ е најавено на 20 август со изведбата на претставата „Роденденот на Господин Нушиќ“ од страна на театарот „Звездара“од Белград .

М.К.