Охридска и скопска книжевна промоција на романот „Заследи ме“ од Јордан Коцевски

„Заследи ме“, новиот роман на Јордан Коцевски ќе има своја охридска и скопска промоција.

На 11 јуни, сабота, романот ќе биде промовиран во охридското кафуле „Шила“ со почеток во 18 часот, додека пак скопската промоција ќе се одржи на 16 јуни, четврток, во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.

Промоторка на промоциите ќе биде Мерсиха Исмајловска, додека пак модераторка ќе биде Јулијана Величковска.

„Зафаќајќи се со современа тема, Коцевски си игра со логиката на денешната култура, која и тоа како е моделирана од социјалните мрежи. Марина, главниот лик, позната инфлуенсерка, ќе се најде во ситуација во која ќе мора да ги преиспита своите вредности и вредностите што ги пропагира на нејзиниот Инстаграм профил. Низ процесот, таа освестува елементи на ‘сајбер булинг’, на семејно насилство, па и на лицемерие, што една ваква активност ги поттикнува“, пишува Исмајловска.

Таа додава дека романот е ненаметлив и со доза на хумор, а успешно отвора многу прашања поврзани со интригата, лицемерието и лажните облици на денешното живеење.