„Охрид СОС“: Петиција за спас на Преспанско езеро

Итно и неодложно прогласување на кризна состојба на целото подрачје на сливот на Преспанското Езеро, формирање научно/техничка комисија за спас на Преспанското Езеро која ќе ја проучи ситуацијата и ќе предложи итни мерки за подобрување на состојбата најдоцна за 10 дена од објавувањето на петицијата се само дел од работите кои се побарани во Петицијата за спас на Преспанско Езеро.

Во петицијата се бара и Владата да иницира меѓудржавна средба на експертско ниво заедно со релевантни организации вклучени во Преспанскиот Регион која координирано ќе работи на проблемот и ќе дефинира фазен план за спас на Преспанско Езеро со јасно утврдени рокови. Истовремено се бара и информациите за планот и сите преземени активности седмично да се ажурираат на веб-страницата на МЖСПП и да бидат лесно достапни за јавноста. Владата да гарантира неодложно и ефективно спроведување на сите договорени/утврдени активности.

Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, поддржана од збир на повеќе организации за екологија и чиста животна средина, отвори петиција за спас на Преспанското Езеро. Оттаму велат дека во последните неколку децении  нивото на Преспанското Езеро драстично се намалува (~8 m), со што езерото се повлекува и по повеќе од десетици метри на одредени делови.

Тие додаваат дека во моментот, нивото на Преспанско е најниско од кога се вршат мерења (1917 г.) што е цел еден век и состојбата е крајно алармантна. Последиците од оваа состојба врз биодиверзитет и квалитетот на водата се катастрофални и може да бидат неповратни.

„Причината за ваквата ситуација е сложена комбинација од природни фактори, вклучително климатски промени (суши и покачени температури) и гео/хидролошки промени во подземните карстни канали преку кои водата истекува од езерото, како и антропогени фактори кои главно се однесуваат на користење вода од самото езеро и подземните води од крајбрежниот дел за наводнување, пиење и индустриски цели. Со оглед на повеќегодишниот тренд на деградација и климатската криза кои ќе продолжат во блиска иднина (се проценува дека количината на врнежи на снег и дожд во регионот ќе се намали за 30% до 2100 г.), а може и да се интензивираат, состојбата на Преспанско ќе продолжи да се влошува. Тоа го става во опасност не само опстанокот на Преспанското Езеро, туку и на Охридското, во кое приливот на свежа вода во голема мера (околу 25%) доаѓа директно од Преспанското Езеро“, велат од „Охрид СОС“.

Преспанското Езеро е едно од најстарите езера во светот чија старост се проценува на 3 до 5 милиони години. Заедно со Охридското Езеро со кое прави една единствена, неразделна геохидролошка целина, претставува исклучително значаен локалитет во светски рамки истакнат по својот богат биодиверзитет и ендемизам. Преспанското Езеро е заштитено како Споменик на природата, а неговиот северен крајбрежен дел Езерани е прогласен за Парк на природата во 2012 година. Преспанското Езеро се наоѓа на листата на најважни орнитолошки локалитети во Европа од 2008 г., како и на најважни водни живеалишта во светот – прогласено е за Рамсарско подрачје во 1995 г. и е едно од само две во Македонија. Во 2014, УНЕСКО го погласи Охридско-Преспанскиот регион за Прекуграничен биосферен резерват. Преспанското Езеро е дел од Национален парк Преспа во Албанија и Преспа Парк.

Од иницијативата „Охрид СОС“ потенцираат дека Преспанското Езеро е заборавено од сите релевантни институции и од ден на ден е во сè полоша состојба.

„Поради сето горенаведено, бараме од Владата на Република Македонија ИТНО преземање мерки. Не смее заштитата и напорите за унапредување на состојбата на Преспанско да останат на хартија како што е практика во Македонија. Во светот има повеќе примери од блиското минато за езера кои целосно исчезнале во рекорден рок поради човековата негрижа. Дали Преспанското Езеро е следното? На проблемите на животната средина и сè поголемата закана од неминовниот климатски колапс мора да се одговори сега. Црвените линии се одамна пречекорени“, додаваат од иницијативата.