Охрид SOS: Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба

Граѓанската иницијатива Охрид SOS реагира за издавањето на одобрение за градба, спротивно од важечкиот урбанистички план на Општината. Нивното отворено писмо го пренесуваме во целост.

Згрозени сме од последните изјави на Општина Охрид, од дрскоста и лежерноста со кои упорно го продолжува своето безочно противзаконско делување, но не можеме да кажеме дека очекувавме да постапат законски имајќи го предвид импресивниот обем на прекршени закони и подзаконски акти, како и Уставот на РМ со издавање на незаконското одобрение за градба на хотел во Лагадин. Природно е сите вмешани кои се под ризик да бидат санкционирани да стојат на своето самоволие до последно зашто за нив во моментов нема друг излез.

Имено, според чл. 244-а од Кривичниот законик на РМ, службеното лице во локална самоуправа кое ќе донесе решение за локациски услови спротивно на важечки урбанистички план ќе се казни со затвор од три до осум години. Според истиот овој член службеното лице подлежи на истата казна доколку при издавањето на бесправно решение за градба му нанесе штета на друг. Во случајов огромна материјална штета му беше нанесена на првиот сосед кај кој се сруши терасата и почна да пука бетонската плоча внатре во куќата со што се наруши статиката на целата конструкција и објектот стана опасен по животот на тие кои престојуваат во него.

2

Законот за инспекциски надзор е, исто така јасен. Непостапување по решение издадено од инспекциска служба повлекува плаќање глоба и поведување прекршочна постапка по службена должност.

Според Општиот акт кој е моментално во сила како плански документ за потегот Лагадин-Пештани се забранува градење во заштитниот појас од 50 м од највисокиот водостој на Езерото. Меѓутоа, мора да нагласиме дека актот е донесен без никаква јавна расправа, спротивно на сите демократски начела и принципи, а освен тоа, за него не е спроведена ни задолжителната постапка за оцена на влијанија врз животна средина како што се наведуваше во известувањето од Државниот инспекторат за животна средина.

3

Во пресрет на реактивната мисија на УНЕСКО на која ќе се решава дали ќе го задржиме или изгубиме статусот, Општината покажува не само тотална неодговорност туку и општа неспособност за добро владеење.

Охрид ЅОЅ нема да се откаже од борбата додека не се задоволи правдата и ќе ги искористиме буквално сите домашни и меѓународни механизми кои ни се на располагање. Убедени сме дека на крајот правдата ќе победи, колку и да е неизвесен патот до неа.

Со почит,

Активисти на граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ