Охрид СОС: Институционални метастази – законите не важат за Охридскиот регион

На ридот во Горица, на дел од парк-шумата посадена на почетокот на педесеттите години на минатиот век со помош на локалното население, а по проект на Драган Шојлевски, македонски агроном, истакнат научник, истражувач, педагог и основоположник на современата пејзажна уметност и архитектура во Македонија, забрзано се гради хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп – со незаконско одобрение за градба издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без одобрен елаборат за животна средина, реагираат од граѓанската иницијатива Охрид СОС.

Од таму посочуваат дека ова се случува и покрај фактот што во Планот за управување со светското наследство е посочен како закана, исто така и покрај пријавата до Државниот инспекторат за животна средина, воедно и со целосно игнорирање на одлуката на Комитетот за светско наследство со која УНЕСКО побара стопирање на секакви активности и одлуката на Бернската конвенција, во која се изразува особена загриженост за овој проект.

„Долгата листа на прекршувања на Законот за градење, Законот за општа управна постапка, Законот за животна средина, Законот за управување со светското наследство, Законот за инспекциски надзор, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Бернската и Конвенцијата на УНЕСКО, а со тоа и на Уставот, деновиве се прошири и со прекршување на Законот за постапување по претставки и предлози, од Кабинетот на премиерот, Владата и градоначалникот на Општина Охрид“, забележуваат од иницијативата.

Имено, посочуваат од таму, ниту една од овие институции не постапила во законскиот рок по претставката со која 25 организации алармираа за беззаконието поврзано со овој хотел и побараа негово отстранување.

„Од Кабинетот на премиерот информираа дека претставката е проследена до Општина Охрид и Министерството за животна средина (МЖСПП), а од Генералниот секретаријат на Владата (во која влегува и МЖСПП) претставката ја проследија до Општина Охрид. И премиерот и Владата целосно ги игнорираа сопствените законски обврски наведени во претставката. Од Општина Охрид, како и многу пати до сега – организациите добија молк. Не изреагираа ниту пратениците во Собранието, ниту вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, кои добија копии од претставките. Случајот уште во март беше поднесен и до Државната комисија за спречување на корупција – досега I оттаму нема никаква одлука“, посочува Охрид СОС.

Активистите забележуваат дека продолжува и уништувањето на Студенчишко Блато – покрај урбаниот комплекс, кој, како што велат, продолжува да се развива со флагрантно прекршување на сите релевантни закони, Уставот и меѓународното право, вклучувајќи и серија на кривични дела приватни лица, но и од вработени во централната и локалната власт, со целосно знаење и одобрување на сите надлежни инспекторати, во периодов се подготвува огромен терен за некоја нова градба.

Потсетуваат дека за оваа локација „Фронт 21/42“ испрати пријава до ДИЖС уште во април 2023 година, кога на терен имаше еден багер и релативно мал ископ на земја – одговорот беше дека наводно сопствениците на нивите направиле насип за да ги заштитат истите од вода која надоаѓа.

„Во меѓувреме ‘заштитата’ од водата продолжи да расте и денес е јасно дека се расчистува терен за нова градба, некои чаршиски муабети велат ќе се гради бензинска пумпа“, велат од Охрид СОС.

Понатаму, активистите нагласуваат дека безмилосно континуирано се уништува и НП „Галичица“, односно, како што велат, дивоградбите се вообичаена појава, редовно проследена со одлуки за нивна легализација на Советот на општината, или нов урбанистички план скроен за нивно „легално“ вклопување.

„Еден од многуте примери е хотелот-дивоградба кој забрзано никнува во селото Рамне, веќе е најавен урбанистички план за селото, кој по некоја случајност веројатно ќе предвидува хотел токму на локацијата на дивоградбата. Инаку кој би се осмелил да инвестира во дивоизграден хотел, кој сигурно би бил срушен ако живеевме во држава во која институциите ги спроведуваат законите?“, прашуваат од Охрид СОС.

За разлика од очигледната посветеност на институциите кон урбанизацијата, велат тие, вклучително и криминалната урбанизација (незаконско градење е кривично дело), свеста и одговорноста за заштита и рехабилитација на светското наследство се сосема друга приказна.

„Од 43 итни активности, кои според Стратегискиот план за рехабилитација на Охридскиот Регион требаше да бидат спроведени најдоцна до 1.2.2025 година, спроведени се само 4, од кои само една (1) е суштинска активност – изработка на физибилити студија за состојбата на вредностите на наследството, за која беше одговорен меѓународен тим на експерти, со поддршка од УНЕСКО.

За нашите институции Стратегискиот план за рехабилитација е куп хартија чија единствена улога беше да демонстрира „загриженост и посветеност“ пред УНЕСКО. Според овој план, Генералниот секретаријат требаше да формира посебно работно тело за мониторинг на спроведувањето и да креира потстраница на интернет страницата на Владата за транспарентно известување и следење на напредокот. Општина Охрид требаше најдоцна до почетокот на оваа година да усвои одлука за прекин на сите урбанистички планови и акти со кои се дозволува урбанизација во рамки на Студенчишко Блато, одлука за забрана на стални и/или привремени објекти на плажите и кај патеката покрај блатото, одлука за забрана за спроведување на сите усвоени урбанистички планови и усвојување на нови урбанистички планови со кои се овозможува урбанизација во рамки на Рамсар подрачјето, да ги отстрани сите постојани и/или привремени градби од 50 м. крајбрежен појас, Студенчишко Блато и Свети Наум. За сите овие обврски ‘Фронт 21/42’ исто така поднесе претставки до надлежните – со истиот нула исход како и претставката за незаконскиот хотел во Горица“, нагласува иницијативата.

Пред неполн месец, потсетуваат оттаму, Бернската конвенција испрати писмо со последната одлука на Бирото за отворениот случај за Охридското Езеро и НП „Галичица“.

„По кој знае кој пат конвенцијата побара сериозен пристап од државата и спроведување на сите точки од одлуката 221 (2023). Бернската конвенција исто така побара МЖСПП да објасни зошто и понатаму издава Решенија за услови за планирање на просторот, со кои се овозможува понатамошна урбанизација на подрачјето – во следните два дена по приемот на писмото МЖСПП издаде две нови Решенија за услови за планирање на просторот за територијата на општина Струга.

За неполн месец Комитетот за светско наследство ќе расправа по трет пат за впишување на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност. Ни останува само да се надеваме дека овој пат на членовите од Комитетот ќе им биде доста од фарсичните изјави на нашите политичари за загриженост и посветеност кон наследството. Факт е дека немаат никаква свест за вредностите на светското наследство, ниту одговорност кон идните генерации на кои им безмилосно им го одземаат највредното природно и културно богатство во земјата и им ги уништуваат сите шанси за одржлив економски развој базиран на заштита на вредностите. Можеби впишувањето во оваа листа ќе спречи некогашниот културен центар на Византија и светско наследство на Југославија засекогаш да се трансформира во дувло на корупција и криминал од страна на Македонија“, стои во реакцијата на Охрид СОС.