Охрид СОС: Иако усвоен, Планот за управување со Охридскиот регион уште не е јавно достапен

Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029), но и извештајот за степенот на реализација на препораките и преземените активности за зачувување на статусот на УНЕСКО, сѐ уште не се јавно достапни, реагираат од иницијативата „Охрид СОС“.

„По којзнае којпат ги потсетуваме Министерство за животна средина и просторно планирање и Министерство за култура на нивната законска обврска да ја известуваат јавноста за клучни прашања од значење за заштита на животната средина, природата и нашето единствено УНЕСКО наследство“, стои во реакцијата на иницијативата.

Оттаму велат дека според Архуската конвенција, која државата ја има ратификувано и преточено во закон, јавноста мора да биде тековно информирана, а додаваат дека нема никакво оправдување за прекршување на законите од страна на институциите кои се задолжени да ги спроведуваат.

„Објавете ги веднаш документите, во спротивно Охрид СОС ќе ги искористи сите правни механизми што ги има на располагање“, реагираат од „Охрид СОС“.