Охрид SOS: Голема е веројатноста шаренкастата течност во езерската вода да е токсично масло

Машински инжењер излезе на терен на барање на Охрид ЅОЅ и констатираше висока веројатност горивото во водата да не е нафта. Според неговото експертско мислење и првичните сондирања се работи за прегорени масла, кои имаат само 10% нафта во себе, другото е минерални суровини (хемиски супстанци) кои се екстремно токсични. Поточно, една капка масло загадува 1 кубик вода! Таму кај што има вакви масла потполно се уништува живиот свет!, велат од иницијативата Охрид SOS, откако претходно објавија фотографии од брегот на Охридско езеро и иронично прашаа дали „шареноликоста има за цел привлекување туристи“.

Експертот, велат од Охрид SOS, имајќи ги предвид навиките на локалното население, тврди дека маслата потекнуваат од автомеханичарски работилници чии што несовесни мајстори менуваат масла на автомобилите, ги собираат во буриња и наместо да почекаат специјални возила кои бесплатно ги собираат бурињата да ги однесат на преработка во Скопје, полесно им е да го истурат прегореното масло во канализација.

„Оваа ‘традиција’ кај локалните автомеханичари мора да се санкционира со високи казни.
Затоа Охрид ЅОЅ моментално е во процедура на поведување постапки пред надлежните институции со цел да се утврди изворот на проблемот, истиот да се елиминира, а сторителите соодветно да се казнат за да се превенираат вакви и слични случаи во иднина. Ги молиме сите совесни граѓани кои имаат какви било информации околу случајот да ни ги испратат на ohridsos@gmail.com. Гарантираме за заштита на идентитетот на пријавувачите, само ве молиме наведете го тоа во својата порака“, соопштуваат од иницијативата.