Охрид SOS: Да не продолжи трендот на уништување природно богатство поради нечија лична корист

Со жалење констатираме дека свеста во Македонија, особено кај надлежните, е на исклучително ниско ниво. Македонија изобилува со неверојатно богати природни предели кои ги задоволуваат и најригорозните светски критериуми. Не смееме да дозволиме да се продолжи со трендот бесценето природно богатство да се уништува поради нечија лична корист, соопштуваат од иницијативата Oхрид SOS.

Охрид ЅОЅ во моментов активно работи на прогласување на охридскиот регион за Рамсар локација, што е уште една титула која овој предел многу одамна ја има заслужено, но од непознати причини, велат тие, надлежните досега не се потрудиле да вложат напори и да ја добие.

Инаку, Охрид ЅОЅ имаше свое обраќање на 41 седница на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Краков, Полска каде што беше поканета да присуствува како единствена организација-набљудувач од РМ. Исто така, иницијативата учествуваше и на Форумот за светско наследство во опасност кој беше наменет за граѓански организации и беше во организација на World Heritage Watch.

„На Форумот присутните усвоија резолуции кои потоа беа официјално поднесени во Центарот за светско наследство. Оваа беше прва година кога на граѓански организации им беше дозволено да се обратат на Седницата на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и прва година кога на некој начин се оддава признание на улогата на граѓанскиот сектор поради што веројатноста е многу голема резолуциите усвоени на Форумот за граѓански организации да бидат делумно или целосно интегрирани во конечните одлуки на УНЕСКО“, велат од Охрид SOS.

Во одлуката на УНЕСКО по извештајот од Реактивната мисија која во РМ престојуваше во април годинава се налага надлежните во Македонија да се откажат од секциите а) и е) од експресниот пат А3 и патот да се симне во подолна категорија.

„Како што кажавме и на самото обраќање на 41 Седница – сметаме дека таквата формулација е несоодветна и апелираме до УНЕСКО да наложи целосно повлекување на проектот за експресниот пат. Воедно, бараме од актуелната влада да се откаже од секакви идеи за патишта кои ќе поминуваат низ Националниот парк Галичица. Охрид ЅОЅ две години учествуваше на безброј јавни расправи, дебати и трибини на темата и за нас, како и за научниците кои добро ги познаваат вредностите на регионот, тоа прашање е одамна затворено и такво и треба да остане. Иднината на регионот е во еко-туризам, не во патна инфраструктура низ недопрени и строго заштитени предели која понатаму секако дека е можно да доведе до урбанизација и дополнителна деградација на природата во националниот парк.

Во обраќањето на 41 Седница го спомнавме и Студенчишко Блато – односно потребата од негова итна и сеопфатна заштита како и ревитализација со што ќе се дозволи пределот да биде жариште на еко-туризмот (рекреација, набљудување птици, едукација итн.), а да почне да се развива и научниот туризам – од природни науки, па сè до археологија во околината на блатото“, стои во соопштението на иницијативата.

Според Охрид SOS, поразително e што Македонија има само еден УНЕСКО локалитет и тоа веќе речиси 40 години. На 41 Седница на УНЕСКО беше прогласен за светско наследство појас на стара букова шума со заедничка апликација од Австрија, Албанија, Белгија, Бугарија, Германија, Шпанија, Италија… Македонија ја нема на оваа листа.

„Додека ние се бориме со сите сили да го заштитиме и да го зачуваме единственото УНЕСКО подрајче што го имаме, граѓанските движења во развиени земји даваат сè од себе своите да ги стават на Листата на светско наследство во опасност само поради една зграда или поради одобрен потенцијален проект, каков што е случајот со Виена и Ливерпул“, сооштува иницијативата.