Охрид ќе добие Олимписки пливачки маратон на 10 километри, но без промоција од општината

Охрид ќе добиe пливачки маратон на 10 километри. Подготовките за премиерното издание на маратонот кој ќе се одржи под капата на Светската пливачка федерација (ФИНА) на 12 август во 12 часот се во полн ек, информираат од Пливачкиот клуб „Охридски Бранови 2008“.

„Градот Охрид и Република Македонија за прв пат во историјата ќе имаат прилика да организираат пливачки маратон на 10 километри, кој е олимписка дисциплина. Ние како охриѓани треба да бидиме почестени, но малку и жалам бидејќи ова можеше да се случи многу порано, затоа што и од 2004 трката на 10 километри е олимписка дисциплина. Сега кога се официјализираше организацијата на маратонот сакам да им се заблагодарам на луѓето од Светската пливачка федерација (ФИНА) со кои отворено разговаравме околу сите детали и на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК), кој логистички ќе не подржува максимално“, изјави Александар Маленко, иницијатор и дел од организацијата на олимпискиот маратон во интервју за „Охрид њуз“.

Трката ќе биде кружна и ќе се одржи покрај кејот на Охридското езеро на потегот од старото пристаниште до каналот Студенчишта. Еден круг ќе биде 1 километар, а пливачите ќе треба да испливаат вкупно 10 кругови.

Маленко потенцира дека Олимпискиот пливачки маратон нема да му парира на традиционалниот Охридски пливачки маратон кој се плива од Св. Наум до Охрид. 

Сепак, вели тој, низ Охрид нема да има билборд или реклама за премиерното издание на Олимпискиот пливачки маратон.

„За жал не најдовме разбирање од надлежните во градот да ни ослободат билборд на кој ќе го рекламиравме маратонот на 10 километри. Со „Медија груп“ направивме се што беше потребно и ќе ставиме билборди на автопатите низ цела Македонија, во главниот град и на сите гранични премини“, рече тој во интервјуто за „Охрид њуз“.

За првото издание на Олимпискиот пливачки маратон организациониот одбор обезбеди вкупна парична награда од 3 000 евра во машка и женска конкуренција.

Извор: Охрид њуз