Охрид ЅОЅ ја осуди сечата на дрвја во „Горица“ – Сечено е и на државно земјиште

Еколошките здруженија остро го осудија вчерашното сечењето дрвја во округот на комплексот „Инекс Олгица“ кое ги разбранува социјалните мрежи. Иако охридскиот градоначалник смируваше дека се работело за стари и исушени дрвја, еко-активистите од „Охрид SOS“ се сомневаат во неговите тврдења.

Откако случајни минувачи и еко -активисти почнаа да објавуваат фотографии од тазе исечените дрвја, од  хотелот „Инекс Олгица“(до неодамна Инекс Горица) на Фејсбук јавно ги објавија документите со кои  ја објаснуваат дека имаат дозвола за сечата на 7 дрвја, 4 кедари и 3 бора на нивна територија. Но, од „Охрид СОС“ алармираат дека дрвја се сечеле и на соседната парцела која е во државна сопственост.

„Вчера не се исекоа само 7 дрвја и само таму. Се сечеше и на парцела 5976/1 која е во државна
сопственост, а за која решението јавноста не го видела. Од приложениот материјал и исказите на очевидците
се гледа дека не сите дрвја изгледаат исушено“, реагираат од Охрид SOS.

Укажуваат дека во решението од јуни стои дека дрвјата биле „целосно исушени“, „претставувале опасност по луѓето и материјалните добра“, а сепак по нивно отстранување се посегнало дури 4 месеци подоцна. Оттаму бараат да им се достави Евалуација за исечените дрвја врз основа на која се дошло до стручна констатација дека дрвјата за кои е донесено решението за сеча веќе биле исушени, односно не можеле да се рехабилитираат. Исто така укажуваат дека не е доволна мерката која се пропишува, секое исечено дрво да се замени со ново, не помладо од 6 години.

„Го повикуваме градоначалникот и неговите стручни служби на транспарентност, и дополнително да дадат отчет за спроведените компензаторски мерки кои се пропишани со закон, на секој од субјектите на кои им издале одобрение за отстранување зеленило и тоа барем во последните 2 години. Исто така, за сите оние кои извршиле надоместување на загубата во дрвја со засадување нови „чиј збирен пречник одговара на пречникот на пресеченото дрво, при што новите дрвја треба да бидат постари од шест години“, колкава е успешноста на засадените нови дрвја? Какви мерки биле спроведени врз оние кои не ја исполниле обврската?“, прашуваат од движењето.

Дополнуваат сечењето е мерка кој се изрекува како последна опција откако ќе се направи стручна анализа и ќе се утврди дека рехабилитацијата на дрвото била невозможна.

Вчера на својот Фејсбук профил се произнесе и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, кој вели дека сео сечата на седумте дрвја не се направило сериозно уништување на зеленилото и животната средина на тој потег.

„Се работи за стари дрвја за кои Комисијата за преземање на мерки и активности за отстранување на дрвја на подрачјето на Општина Охрид, утврдила дека се исушени и не постои можност за успешно санирање и ревитализирање на нивната состојба. Исто така утврдено е дека при неповолни временски услови истите дрвја претставуваат опасност по луѓето и матаријалните добра“, се вели во Фејсбук статусот на Георгиевски.

Ј.Ј/М.К