Во прифатно-транзитниот центар „Винојуг“, сместен на јужната македонска граница, ќе наидете на бизарна ситуација. Просторот кој беше создаден за привремен престој на бегалци и мигранти кои транзитираат низ државата, сега се претвори во сместување и за сведоци на криумчарење, но и за криумчарите.
„Во моментов ‘Винојуг’ повеќе изгледа како отпад на старо железо, отколку што има услови луѓе да живеат таму, а уште помалку на толку долг период“, оценува Јасмина Голубовска од невладината организација Легис.
Со почетокот на пандемијата во март, 2020 година, Владата го назначи Министерството за труд и социјална политика – МТСП како одговорно за прашања поврзани со здравствените права на бегалците и мигрантите, што според Гулобовска, не се негова надлежност.
Во меѓувреме, „Винојуг“ станува карантинско подрачје за мигранти, бегалци и нерегуларни странци. На почетокот овде во поголем дел се носат луѓе поради нерегуларна миграција, кои се превезувале со криумчари. Но, како што нагласува Голубовска, во одлуката јасно било наведено дека „Винојуг“ треба да се користи само за нови баратели за азил – и ништо повеќе од тоа. Оваа состојба, смета таа, создало чувство на небезбедност кај луѓето кои работат на терен.
„Прилично е распаднат кампот за разлика од северната граница каде има драстична разлика, каде што се гледа одржување, иако подеднакво се стари двата кампа. Се гледа една поинаква слика. Кампот (н.з. во Табановце) е среден во секое време, отворен, луѓето се секогаш отворени за соработка и да помогнат на тој што ќе побара помош. Тука зборувам и за институциите и за невладините, што е комплетно различна слика од ‘Винојуг’ каде не можете да остварите контакт, каде што е тензична ситуацијата и со полициските службеници, и се кријат информации“, реагира Голубовска.
Институциите се „скржави“ со податоците од терен
Голубовска заедно со уште неколку истражувачки периодов работеа на анализа насловена „Пристап до здравствени права на бегалци и мигранти во Северна Македонија 2020-2021“ Една од нив е и Весна Попоска.
Таа во својот дел од истражувањето посочува на два главни проблеми – малку информации биле достапни за пандемијата на КОВИД-19 со луѓето кои транзитирале, како и неосновано продолжување на карантинскиот период, кој ако тогаш траел 14 дена, за нив бил продолжуван од 25 до 40 дена.
„Овие луѓе се во движење, секое задржување прави дополнително оптоварување на нивната рута или нивното верификување“, вели Попоска.
Од одговорите што ги добиле од прашалниците што ги упатиле до 13 институции, локални и меѓународни организации, сфатиле дека добар дел од оние институции кои работат, или се надлежни да работат со бегалци и мигранти, немале можност да се вклучат во создавање на мерките.
Според Софија Зумрова, која беше вклучена како консултант во изготвувањето на анализата, проблеми кои постоеја и пред пандемијата, сега станале повидливи.
„Движењето не запре, војните, конфликтите, прогоните и прекршувањата на човековите права не запреа“, подвлече таа.
Потсети дека правата на мигрантите и бегалците се заштитени со меѓународното право без оглед како пристигнуваат во земјата. Но, спротивно на ова, во Северна Македонија многу тешко се добива статус на барател на азил. Па така, како што истакнува Зумрова, се чека дури и до 9 месеци одлука на Управниот суд за овие лица да имаат право да бидат вклучени на пазарот на трудот.
Преку нивното истражување тие забележуваат огромна разлика и непрофесионално спроведување на мерките во центрите.
„Имаме голем број на институции и министерства кои си го препуштаа прашалникот едни на други без да има конкретен одговор“, вели разочарано Зумрова.
Според податокот на Македонското здружение на млади правници од 2020 година, имало вкупно 15.179 мигранти кои се вратени од државата без да се земе предвид нивната индивидуална околност, ниту пак да им биде дадена можност да се пожалат за лошиот третман. Покрај ова, во текот на истражувањето добиле забелешки во пристапот на вакцинација што им покажало дека луѓето со нерегуларна миграција се надвор од здравствениот систем на Северна Македонија.
Меѓународната организација за миграција – ИОМ ги покрива трошоците за секундарно и терцијарно здравство со тоа што за КОВИД-19 не било побарано од нив ниту една финансиска асистенција, посочува Вања Лазаридис. Таа појасни дека Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје целосно ги презеле трошоците за тестови или за лекување на заболени.
Покрај ова, од ИОМ ги покриваат трошоците за редовното лекување на мигрантите и бегалците на тој начин што ги снабдуваат ординациите и медицинските тимови. При тоа, соработуваат со Светската здравствена организација и Министерството за здравство за таканаречена теренска вакцинација, преку која го бележат интересот за вакцинација кај мигрантите до министерството.
Лазаридис се потсети на случка во прифатно-транзитниот центар „Табановце“ кога пристигнала група од 130 индиски мигранти. Во еден ден им спровеле тестирање со рапид тестови на мигрантите и на вработените во кампот. Немало позитивни, но она што било изненадувачки е што 98 отсто од Индијците што ги тестирале имале валидни сертификати за вакцинација, наспроти мал дел од луѓето што работат во кампот кои покажале ковид-сертификати.
Според податоците до кои истражувачите дошле од МТСП, во периодот од 2020 до крајот на 2021 година биле тестирани 613 лица од кои само 13 биле позитивни, а само два случаи пријавени во Центарот за прием на баратели на азил во Визбегово се лекувале во болница.
„Повеќе информации ќе добиеме од Црвен крст за тоа колку интервенции се направени отколку од Министерството за здравство што е навистина погубно, бидејќи улогата ја презема невладина организација наспроти државна институција“, заклучи Голубовска.
Таа упати барање до Министерството за здравство да обезбеди брзи тестови во со сите центри за во случај некој да се покаже како позитивен, да добие лекарска помош и да се тестира повторно во здравствена установа.
Варираат ставовите од државните институции
Невладината организација Легис ги мониторира правата на бегалците уште од 2014 година. Предизвикот се зголемува веќе наредната година кога на македонските граници има прилив на бегалци и се создава кризна состојба. Последниве две години, со прогласувањето на пандемијата со КОВИД-19, настанала нова кризна состојба на границите.
Ова според Мерсиха Смаиловиќ од Легис значело нови предизвици за државните институции, невладиниот сектор, но и за самите мигранти и бегалци.
Истражувањето кое го работеле со тимот е во првична верзија, па затоа неделава организираа тркалезна маса за да ги претстават наодите пред надлежните и да добијат повратен одговор од нив.
„Не можевме да добиеме конзистентни ставови и бројки од државните институции. Тие варираа, иако се повикуваа на протокол кој е донесен од страна на Комисијата за заразни болести. Сепак, можевме да увидиме дека таа конзистентност не ја следат државните институции, кои некои се повикуваа на протоколи што, ние кои бевме присутни во камповите, немавме прилика да ги видиме“, посочи Смаиловиќ.
Откако техничката Влада ја донесе одлуката да го прогласи „Винојуг“ како карантинско сместување за странци кои влегуваат нерегуларно во државата, по реакција на Македонското здружени на млади правници оваа мерка беше укината. Но, како што истакна Смаиловиќ, и понатаму може да се забележи непридржување до пресудите и протоколите.
Голубовска, пак, се пожали дека во локалната болница во Гевгелија има отпор да се дадат здравствени услуги на мигрантите и бегалците, така што некогаш се чекало и со денови за тест или која било интервенција.
„Лекарот не е присутен. Доаѓа во обиколница, но не стапува во индивидуален контакт со нив, што за разлика од Куманово, не сме се соочиле со ниту еден проблем со локалната болница за интервенција“, истакна таа.
Протокот на мигранти не запре, но запре протокот на информации
Во средина на прифатно-транзитниот центар „Винојуг“ е поставен шатор каде полицијата ги прибира луѓето што ќе ги донесе. Тоа е местото каде се процесираат случаите, а потоа се враќаат или кон Грција или Србија, објаснува Голубовска.
„Министерството не води информации за тоа каква е постапката, дали има социјално дистанцирање, бидејќи невладините немаа пристап. Често пати ни велат дека тоа е прашање од национална безбедност и дека ‘не може вие да гледате што се случува таму’“, рече таа.
„Во еден таков шатор не може да има социјално дистанцирање, не може да се извршат тестирања бидејќи временски не е возможно, индивидуален пристап не се употребува“, додава Голубовска.
Според неа, ваквата ситуација им овозможува на мигрантите да се пожалат за нехуманиот третман во „Винојуг“ пред Европскиот суд за човекови права, иако засега нема такви случаи, бидејќи луѓето не се запознаени со своите права, посочи Голубовска.
Миграцијата не е запрена забележува таа. Ниту во 2016 со затворањето на границите, ниту со појавата на вирусот не се намалил бројот на миграции. Годишно во просек транзитираат по 40.000 луѓе од едната кон другата граница – и тоа е само она што го регистрирале.
„За жал МВР реши да не објавува повеќе статистички податоци, тоа дополнително ни ја отежна работата. Имавме дневни билтени каде што лесно ни беа достапни податоците без да праќаме барања. Тоа што знаеме е дека се водело статистика до 2018. Малку е нелогично што не се водело после 2018 година. Што значи дека можеби се кријат тие бројки“, забележа таа.
Голубовска реагира што мигрантите и бегалците кои транзитираат немаат никаков документ со кој утре ќе докажат во Србија или Грција дека тие биле во Северна Македонија и дали биле тестирани. Проблем што се забележува и во регионот.
Таа препорачува да се врати тој проток на информации и комуникацијата што ги имале претходно со институциите. Особено сега, кога имаат нов предизвик кој се појави со руско-украинскиот конфликт.
Емилија Петреска
*Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.