Официјално отворање на Автономниот културно-социјален центар

Овој петок во Скопје се раѓа нова слободна зона за културно делување, критичко размислување, дебатирање и активизам. Автономниот културно социјален центар во петок (22 ноември) во 19 часот ги отвара вратите за сите кои тежнеат кон борба за праведно, хумано и креативно општество, соопштуваат од АКСЦ.

Официјално отворање на Автономниот културно-социјален центар

Локацијата на центарот е на ул. Борка Талески бр. 24, позади т.ц. Буњаковец, помеѓу основното училиште „Ј. Х. Песталоци“ и Романска Амбасада.

Како што претходно објави Радио МОФ во сторијата за подготовките и идејата за овој центар, АКСЦ ќе работи без профит. Партизански, волонтерски, ентузијастички. Без пари, ама со срце! Целиот простор е опремен и уреден благодарение на меѓусебната соработка на уметници, активисти, како и на солидарноста на сите граѓани. Моделот за опстанок е солидарност, самоорганизација и самоодржливост.

На отворањето на АКСЦ ќе бидат презентирани само мал дел од активностите кои во иднина ке бидат организирани во овој простор. На поетскиот преформанс „Меѓу нас“ на неконвенционален начин и во интеракција со публиката ќе се рецитира поезија од автори како Кочо Рацин, Петре М. Андреевски, Артур Рембо, Константин Кавафи и други.

Ќе може да се проследи и проекција на видео материјали собрани од сите досегашни граѓански иницијативи и протести како и активистичко ќоше со фотографии. На изложбата со наслов „Без концепт“ ќе бидат изложени дела од современата локална уметничка сцена. „Политички компас“ ќе им послужи на присутните да ги тестираат своите идеолошки убедувања.

Повеќе информации и слики од подготовките на АКСЦ може да погледнете на нивната Фејсбук страница.