Одржувањето на интернет-страниците на факултетите: УКИМ

Бидете студент на Медицинскиот факултет и ќе добивате резултати, распореди и други корисни информации поврзани со студиите со неколку кликови. Од друга страна, бидете студент на Архитектонскиот факултет и планирајте си редовно пешачење до зградата на факултетот или патување доколку не сте од Скопје бидејќи најважните известувања, новости и информации за студентите не се објавуваат на официјалната интернет-страница на овој факултет.

Одржувањето на интернет-страниците на факултетите: УКИМ

Меѓутоа, Архитектонскиот не е единствената високообразовна институција која не ја ажурира својата интернет-страница редовно. Анализирајќи ги интернет-страниците на факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ откривме дека значаен дел од овие институции имаат потреба од промени кога се работи за нивните онлајн-верзии.

На страниците на факултетите треба да ги има основните корисни информации за студентите, како: студиската програма, резултатите од испити, распоредот на часови, распоредот на испити, термините за консултации на професорите и асистентите;,податоци за контакт на професорите и Деканатот.

УКИМ Студентите имаат право на пристап до Деканатот и наставниот кадар на својот факултет. Тие имаат право да ги добијат најновите известувања на интернет наместо да одат до зградата на својот факултет да ги дознаат. Јасно е дека голем дел од студентите не живеат во Скопје и не би требало да патуваат со часови за да проверат дали случајно има новости или соопштенија кои ги засегаат. Кога веќе од нив се бара онлајн-пријавување испити или запишување семестри со онлајн-профили, звучи сосема логично тие да имаат право да ги добиваат најважните известувања и новости на интернет.

Кога се работи за онлајн-верзиите на факултетите при УКИМ, кај дел од нив се повторуваат некои недопустливи недостатоци. Така, најчесто се забележува недостатокот на најнови резултати од испити.

Според изјавите од студентите, овој недостаток им пречи многу:

„Никогаш нема резултати од испити. Секогаш мора да доаѓаме до факултетот, а понекогаш е тешко“ – изјави студентка на Економскиот факултет.

На дел од факултетите не можат да се најдат ниту распоредите на часови или испити или електронските адреси на професорите.

Студентите би сакале да добијат и повеќе информации за можностите за вработување или практична работа на интернет-страниците на своите факултети. Студентки од Правниот факултет изјавија дека „на страницата на факултетот има само огласи за вработување за кои тие не можат ниту да се пријават бидејќи со нив се бараат луѓе со магистерски дипломи или слично.“ Тие бараат повеќе можности за вработување и пракса наменети за студентите на додипломските студии на овој факултет.

Конечно, ниеден студент не е среќен кога чека резултати од важен испит, а интернет-страницата на факултетот е „падната“.

Драгана Петрушевска

Текстот е напишан во рамките на работилницата посветена на студентскиот стандард, која ја организира Радио МОФ од 27 до 29 септември годинава.