Одржана трибина за идните планови околу Универзална сала – без постигнато решение

Претставници на државни и културни институции, здруженија на граѓани од областа на културата, спортот и архитектурата, како и претставници на организатори на фестивали и културни манифестации денеска разговараа за моменталната состојба во која се наоѓа Универзалната сала, за нејзината иднина и за потребите на фелата и на публиката, на трибината што се одржа во просториите на МКЦ, а во организација на Град Скопје.

Модераторот на трибината, советникот во Советот на Град Скопје, Васко Лазаревски, на почетокот предочи дека од Градот Скопје се разгледуваат 3 опции во врска со Универзалната сала – постојната сала да се реизгради на истото место; да се изгради нова сала на нова локација, или, во исто време и да се обнови стариот објект и да се гради нова сала.

„Немам цврст став која од трите понудени опции е најдобра. Но, ова е одлична прилика да се слушне ставот на луѓето што ќе ја користат, за да одговориме на прашањето – што точно ни треба“, нагласи Русе Арсов, директорот на МКЦ.

Роберт Алаѓозовски

За Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за развој на културата, понудената визија на градоначалникот да се зборува за нова локација и нов функционален простор е смела и треба да се поддржи.

Според Алаѓозовски, креирањето на кандидатурата за Европска престолнина на културата 2028, ќе го стави Скопје во еден нов антипод на културната политика која е во склад со европските и светските политики.

Директорот на Универзалната сала, Филип Аврамчев, пред присутните истакна дека како двегодишен директор на Салата, стои  зад ставот дека на Скопје повеќе му фали концертна сала.

„Мојата идеја е што побрзо да ја реставрираме Универзалната сала, но и да изградиме нова сала за концерти“, истакна Филип Аврамчев, директорот на Универзална сала.

Филип Аврамчев

За Мартин Пановски, дел од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Универзалната сала е симбол на солидарноста каква што е сега, но според него на културната јавност не и потребен таков објект.

„Во градот под итно треба да се смени мислењето за просторот, ние со оваа Универзална сала која е руинирана ги едуцираме нашите деца на лоша урбана култура. Овој објект не смее да остане долго ваков, зашто Универзалната сала за нас архитектите и за македонската архитектура значење нема“, посочи Мартин Пановски, од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Архитектот Ангел Ситновски е на ставот дека граѓаните треба да одлучат дали да се реконструира постојната сала и дали да се гради сала на друго место, архитектите треба да понудат решенија, а Градот да обезбеди финансиски средства.

Оливер Белопета, од „Скопски џез фестивал“ истакна дека уште од `90-години апелира на решавање на проблемот со објектот, како и за недостигот на летна сцена во Скопје.

„На Скопје му треба концертна сала со овој капацитет и тоа што побрзо. Тоа треба да го оставиме на стручната екипа во Градот, да одлучат дали има адекватен проект за сала на тоа место“, додаде Белопета. Оливер Белопета, од Скопски џез фестивал.

Мирко Попов од „ПМГ“ Колектив нагласи дека сегашната Универзална сала е објект – ругло на градот, дека треба да се урне и да се изгради нов објект според најновите стандарди за организирање културни настани.

На трибината присуствуваше и градоначалникот Петре Шилегов кој ги слушна идеите и мислењата на присутните.