Одржан првиот форум за обновливи извори на енергија

Проектот на УСАИД за инвестиции во обновливи извори на енергија, во соработка со Групацијата на производители на обновливи извори на енергија во рамките на Стопанска комора, и Балканската програма за обновливи извори на енергија на Меѓународната финансиска корпорација го организираа првиот од серијата на форуми на чинители и засегнати страни во областа на обновливи извори на енергија.

Одржан првиот форум за обновливи извори на енергија

Иницијативите кои ќе произлезат од овој форум ќе придонесат за подобрување на законската и регулаторна рамка за инвестирање во оваа област, и ќе помогнат за решавање на проблемите со кои се соочуваат инвеститорите.

„Ако сакаме да видиме поголеми инвестиции и искористување на богатите обновливи извори кои ги поседува Македонија – како што се ветерот, сончевата енергија, водите или биогасот – потребно е да се олесни процесот за потенцијалните инвеститори, без притоа да се доведе во прашање зачувувањето на животната средина“, изјави Џејмс Стајн, Директор на Мисијата на УСАИД во Македонија.

„Ние соработуваме со Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање, како и со други клучни чинители почнувајќи од 2012 година. Нашата програма воспоставува партнерства со локални и меѓународни инвеститори во обновливи извори на енергија и се стреми да ги унапреди нивните технички решенија и можноста за кредитирање на инвестиционите проекти“, рече Небојша Арсенијевиќ, Програмски менаџер на Балканската програма за обновливи извори на енергија на Меѓународната финансиска корпорација.

„Се надеваме дека постоечките инвеститори во обновливи извори на енергија, кои што имаат значително искуство ќе дадат свој придонес во дискусиите, и ќе понудат сугестии за подобро отпочнување и имплементација на проекти“, истакна Кочо Анѓушев, Претседател на Групацијата на производители на обновливи извои на енергија, при Стопанска комора на Македонија.

Главната цел на Форумот е да се овозможи на едно место да се соберат сите чинители и засегнати страни во областа на обновливи извори на енергија, вклучително лица што работат на развој на проекти, инвеститори, локални организации, претставници од релевантни министерства, агенции и меѓународни донатори и да се генерираат нови иницијативи, и предлози за законски решенија.

Темите за дискусија на првиот форум се однесуваат на поедноставување на процедурите за обновливи извори на енергија, новиот модел на договор за концесија за мали хидроелектрани, како и моделите за договори за откуп на енергија и поврзување со мрежа.