Иницијативата „Сите за Палестина“, заедно со Социјалниот центар Дуња и Социјалистичка зора, вчера, 1 јуни, спроведоа протестна акција на плоштадот „Маршал Тито“ во Кавадарци, каде со воена церемонија беше означен почетокот на меѓународната воена вежба „Итен одговор 25“ (IR25).
„Во вежбата учествуваат воени единици од седум земји-членки на НАТО кои се директни соработници и овозможувачи на геноцидниот ентитет Израел. Протестот беше насочен против улогата на НАТО во тековниот геноцид врз палестинскиот народ, кој трае веќе повеќе од 600 дена“, истакнуваат од „Сите за Палестина“.
Демонстрантите излегоа со транспарент „НАТО финансира, Израел бомбардира“, а ги скандираа и пораките „НАТО убијци“, „Израел теротист“, „Не во наше име“, „Мрш од Македонија“, „Долу НАТО, долу империјализмот, долу капитализмот“ и други слични пораки.

Фото: „Сите за Палестина“
Иницијативата предупреди и на опасноста од сè позабрзаната милитаризација на населението, особено што, посочуваат, во самиот центар на градот беа изложени тенкови и оружја како дел од настанот на кој присуствуваа и мали дечиња со своите семејства. Според нив, Македонија веќе не треба да ги поддржува империјалистичките војни и глобалната нееднаквост со своето членство во НАТО.

Фото: „Сите за Палестина“
„Светските институции на капитализмот како што е НАТО се меѓу главните виновници за кризите што се случуваат како внатре, така и надвор. Поради тоа, разбирањето и спротивставувањето на современиот милитаризам и империјализам е итен предизвик. Не го прифаќаме милитаризмот како решение, ниту капитализмот како иднина. НАТО не носи безбедност, туку моќ, контрола и смрт. Стоиме на страната на потиснатите, а не на агресорите“, велат од „Сите за Палестина“.

Фото: „Сите за Палестина“