„Однасловено“, Споменик – Изложба на Велимир Жерновски

Агенција за сериозни интереси (SIA) во вторник во 21:00 часот ќе ја отвори изложбата „Однасловено“ Споменик на Велимир Жерновски.

Според Љиљана Неделковска, фигурата на срцето како љубовен орган на повторувањето на еден ненаметлив начин го проткајува творештвото на Велимир Жерновски. „Срцето“ на уметноста на Жерновски (од Alice, What Else is Out There? (2010), „Однасловено“ Распетие (2014), „Однасловено“ Трепти, трепти (2014), „Однасловено“ Пиета (2014), This is not the person I knew (2015) па до најновата инсталација „Однасловено“ Споменик) отчукува во ритамот на повторувањето.

Се повторуваат култни ликови (Алиса, Мики Маус) и културни модели (Одраниот вол од Рембрант, Пиета од Микеланѓело). Се повторуваат без да се повторат. Се повторуваат без можност повторно да се повторат. Зошто повторувањето не се одвива површински, туку длабински, онаму каде e невозможно да се повтори ниту сонот, ниту смртта. Онаму каде секој сон, секоја смрт е различна во повторувањето. Онаму каде разликата во повторувањето се исполнува само со различното.

„Во најновата инсталација „Однасловено“ Споменик, составена од позлатени објекти поставени како „споменици на една тага“ (бесилка, цртеж и алатки за чистење) и од видеото Пиета, презентирано минатата година во РЕКС центарот во Белград, Жерновски создава сцена на енергетски, сетилни и афективни контрасти. Сивилото наспроти светкањето на позлатата, скаменетоста наспроти расеаноста на трагите, заборавот наспроти сеќавањето.

Но тоа не се контрасти кои (се)исклучуваат, туку контрасти кои (се)преобразуваат, (се)поместуваат, длабејќи го просторот на тагата. Во тој простор споменикот не се втемелува за да трае, за да го материјализира сеќавањето во некаква цврста и исполнета присутност. Споменикот е тука за да ги згусне, да ги фабуларизира тагата, загубата, заборавот. Во Пиета загубата не е претставена, туку изложена како чист интезитет на одземеност во чија позадина отчукува „љубовниот орган на повторувањето“ (осмислено преку фрагмент од музиката на Р. Сакамото за документарниот филм Дерида).

За Жерновски споменикот не фиксира, не втемелува, туку преобразува, преместува. Оттаму, „Однасловено“ Споменик може да се чита, не како споменик на сеќавањето, туку како споменик на интезитетот на тагата: тука, пред недопирливата занеменост на тагата може само да се трепери и изместува, онака како што трепери и се изместува праменот на косата на оној што тагува“, се вели во најавата за настанот.

Жерновски Велимир, работи во Скопје и Белград и преку медиумите на цртежи , видеа, инсталации, објектни инсталации во јавниот простор, пишување и објавување на уметникови книги ги истражува поимите на идентитетот, урбаноста и популарната култура.

Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности , Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје.Има остварено повеќе самостојни изложби во Македонија и странство. Од 2008 е ко- основач и претседател на ФРИК Формација за развој на иницијативи во културата, организација која работи на мотивирање на социјално ангажирана уметност продукција и демократизација на општеството , преку предрасудите и стереотипите. Од 2013 е ко-основач на ИПАК центарот во Белград.