Одложен „Т’к Так Фест“ поради најава за невреме

Јубилејното петто издание на најголемиот македонски демофестивал, „Т’к Так Фест“ се одложува поради најавата за лоши временски услови, соопштија организаторите на официјалната Фејсбук страница на фестивалот. Оттаму велат дека наскоро ќе соопштат кога ќе се одржи.

„За жал временските најави не ни одат во прилог. Денес добивме потврда и од Управа за хидрометеоролошки работи и од локалните власти дека во наредните три денови не очекуваат обилни врнежи од дожд кои ќе донесат воден талог од 70 литри на метар квадратен. Со оглед на тоа што фестивалот се оддржува на отворено, Ве информираме дека тој се одложува, а во согласност со распоредот на нашите настапувачи и временските прилики навреме ќе Ве информираме за датумот на оддржување. Се гледаме наскоро…“, пишува на објавата на Фејсбук.

Фестивалот годинава требаше да се одржи на 7 септември во Кавадарци, на Денот на неговото ослободување.