Одлични критики за филмот „Соба со пијано“ на Берлинале

Филмот „Соба со пијано“ во режија на Игор Иванов доби позитивни критики на Европскиот филмски маркет на Берлинскиот филмски фестивал. Филмаџиите велат – добро остварување, кое ќе има голем број фестивалски пријатели, пишува Дојче Веле.

„Соба со пијано“ на Игор Иванов

„Многу добра камера, многу добри актери, перфектен сетинг, добра уметничка режија, добра музика. Посакувам филмот да обиколи многу фестивали и сметам дека ќе добие бројни пријатели“, вели  германскиот продуцент и филмски експерт Марчело Бузе.

Според филмските критичари Јелка Рочен од Словенија и Александар Шлиг од Германија, идејата и црвената нишка водилка во филмот е одлична: Се забележува дека филмот е сработен со малку пари – нема гламур, ја има минималистичката нота, но и интересниот печат на уметничко режисерско остварување кое, иако без големи претензии, остварува резултат кој пленува.

Задоволни од прикажувањето на Филмскиот маркет на Берлиналето се и режисерот Игор Иванов и продуцентот Томи Салковски.

„Целиот фестивалски живот на „Соба со пијано“ го планираме за оваа – 2014 година. Практично сега, со Берлиналето кое ја отвора сезоната на големите фестивали, започнуваме да преговараме каков ќе биде фестивалскиот живот на филмот. Она што е важно е дека сакаме да му овозможиме што подобра меѓународна проомоција и да допре до онаа публика за која е наменет“, истакнува режисерот Иванов за „Дојче веле“.

„Мислиме дека филмот ќе има долг живот и во наредните две години ќе настапува на бројни фестивали каде се цени уметничкото филмско остварување. Сакавме филмот да биде во официјалната конкуренција на Берлиналето. Го гледавме само како номиниран меѓу 20-те во борбата за Златната мечка. Не бевме заинтертесирани да го има во некоја од другите придружни програми“, додава и Салковски.

„Соба со пијано“, кој премиерно беше прикажан во септември на отворањето на 34. ИФФК во Ботла, е селектиран во натпреварувачкиот дел на белгардски ФЕСТ. Има и уште неколку договорени фестивали, но информациите не се откриваат бидејќи програмата и учеството на некој филм мора прв да ги објави организаторот.