Одговор на омразата мора да биде меѓукултурното прифаќање

stefan cid za objavaНеодамна слушнав инспиративно искуство на волонтерка од Балканот која била во Норвешка годината по убиствата на Утоја и Осло. Ми објасни како цела година тамошното општество разговарало за убиствата, за секое дете, за секој возрасен, за секоја ситуација. Но уште поважен беше заклучокот – за неа тоа бил неверојатен пример на општество кое се лечи од тагата и болката, притоа внимавајќи да не одговори на насилството со насилство, туку да се осигура дека никој нема да пропагира омраза. Тоа е справување со шок и болка на еден здрав начин, затварање на нејасните прашања и осигурување дека омразата нема да тлее туку целосно ќе исчезне.

Сосема спротивен е Балканот каде се случуваа насекаде воени судири, последователно дополнети со секојдневни крвави тепачки и вандализам. Во нашето секојдневие станува се поприфатливо на чинот на омраза да се одговори со омраза. Впрочем омразата стана такво секојдневие, присутна од училиштата, медиумите, компаниите, институциите од културата што е навистина празник секој гест на ненасилство, додека акциите против насилството се гледаат како предавнички кон замислните национални дефиниции.

Меѓукултурниот конфликт често од релевантните чинители се негира, бидејќи одговорното однесување започнува со признавање на ситуацијата и со сопствениот удел во неа. А тоа е во директна противречност со идејата дека “жртвите„ имаат право да бидат опресори со цел да се постигне правда. Уште од самото основно училиште тоа е основната приказна која општеството сака од мене да ја прифатам – дека сум жртва и имам право да мразам бидејќи сум жртва. Па така наместо општество каде се вреднува работата, солидарноста, активизмот и ненасилството ние стануваме општество каде се вреднува омразата и нејзините поводи и последици. Водени од тој идеал секој ден се исцртуваат граници таму кај што ги нема. Денеска во државава ретко македонци и албанци учат заедно. Најчесто се целосно поделени училишта а втора по популарност е мерката – етнички смени (впрочем и саатницата станала етничка). Училиштата, зградите, парковите па дури и културата добива своја етничка припадност (бидејќи ако не припаѓаш нема да постоиш во колективниот мит на заедницата). Во такво поделено општество акцијата мотивирана од омраза стана акција која легитимира идентитет, а насилството стана мерило за висока општествена вредност.

Со последните случувања во Скопје се вика како навидум едноставни “неопходни„ фејсбук статуси на празнење на омразата придонесуваат за ескалација на насилството. Секој статус, секој скриен и недиректен муабет и на крај на краиштата секое молчење е дополнителна енергија за насилството. И така се раѓа и се поддржува меѓуетничката омраза која тлее. Таа е дел на секој училишен час, на секој муабет во кафуле, на секоја емисија на телевизија. Дел е затоа што никој не сака да зборува за тоа. Дел е затоа што никој не се осмелува да каже дека се сретнал со омраза и затоа што ретко кој изреагирал на омразата на ненасилен начин. Веќе во таква ситуација на општа неодговорност посебно од образовниот, културниот и јавниот простор, важни се и оние најмалите чекори на работа со млади за градење на одговорно однесување.

Едно од најважните правила е дека за намалување на омразата најдобар е позитивниот пристап и љубезноста. На тој начин се создава соодветна противакција која има за цел да даде алтернатива на проблемите. Акцентирањето на индивидуалноста преку ваквите акции има за цел да ја зголеми личната одговорност на секој и да се поттикне личен активизам.
Еден од интересните примери за борба против етничката поделеност е Hand in Hand училиштето кое работи во Израел. Училиштето се едуцира околу 1000 Еврески и Арапски деца кои учат заедно делејќи исти училници. Повекејазичноста и еднаквоста се осигурани со тоа што половина од учениците се од една а половина од друга група. Студентите учат и еврејски и арапски јазик од страна на наставниците со кои зборуваат на својот мајчин јазик. За разликите во културата, религијата и историските перцепции се дискутира отворено бидејќи само на тој начин се учи на толеранција, почит и соживот и се справуваат со омразата која тлее во општеството. Во Македонија постоеја слични процеси но сеуште не постои визија на интегрирано, повекејазично образование кое ќе ги цени различностите и ќе ги користи како предност.
За да се изгради култура на дијалог и ненасилство меѓу различните други предуслови мора да се работи на зајакнување на интер-персоналните односи на сите вклучени чинители. Еден од теоретските пристапи кој се применува во интегрираното образование е контакт хипотезата на Гордон Алпорт. Оваа хипотеза се користи како начин на подобрување на односите на групи кои меѓусебно имаат конфликт како и да се намалат предрасудите и стереотипите.

За да функционира хипотезата потребно е исполнување на следните предуслови: еднаков статус на групите, заеднички цели, потенцијал за спријателување, системска поддршка за процесот. Освен овие препораки значајно да се напомене е дека за да функционира теоријата потребно да се има доволно чести, долги и блиски контакти меѓу припадниците на различни заедници. Дури со овие предуслови ќе може да зборуваме за форма на меѓукултурен дијалог и соработка. Меѓукултурниот дијалог е отворена размена на мислења со претходна почит помеѓу индивидуи и групи кои припаѓаат на различни култури преку што успеваме да добиеме појасно разбирање на погледите кон светот што ги имаат оние различните од нас. Токму разноликоста е една од вредностите на секое општество во светот кое има за цел да претставува заедница во вистинската смисла на зборот. И токму таквата заедница е силен фактор кој ги осудува сите акти и говор на омраза кои посебно имаат за цел да ја нарушат способноста да се живее заедно.

Стефан Маневски
Центар за Меѓукултурен Дијалог