За два дена во Собранието се разгледани 50 амандмани кои се однесуваат на Предлог-Законот за инспекциски надзор во животната средина, при што беа усвоени амандмани предложени од СДСМ и неколку од ВМРО-ДПМНЕ. Но, но не се усвои ниту еден од предложените 23 амандмани од членови на Граѓанскиот инспекциски совет и на Алијансата Разбистри сè, кои беа поддржани од 35 граѓански организации, високообразовни институции и експерти.
За ова реагираше „О2 иницијатива“ од каде посочуваат дека заменик-министерката за животна средина, Христина Оџаклиеска од ДОМ не прифатила ниту еден амандман, а пратениците од СДСМ и ДУИ гласале против.
„Не се усвои пасивното дежурство на инспекторите после работно време и за време на викенди и празници кога има бројни инциденти. Не се усвои инспекторите за животна средина да може да постапат кога други инспекции потфрлаат, а се загрозува животната средина. Не се усвои инспекторите да имаат опрема и да вршат индикативни мерења на загадувачките супстанции. Не се усвои инспекторите да користат задолжително листи за проверка“, стои во реакцијата на „О2 иницијатива“.
Но, покрај ова, во Собрание не поминаа ниту амандманите со кои се предлага да се објави онлајн база на податоци со инспекциските акти со можност за пребарување по различни параметри, ниту амандманот кој предлагаше Регистарот на субјекти на инспекциски надзор во животната средина да се усогласи со другите регистри и да содржи дополнителни податоци и се објави на веб страната на ДИЖС.
„Не се усвои транспарентноста, инспекциските акти, опомени, решенија, извештаи, стратешките и месечни планови, програми да се објават на веб страните и да има прекршочни санкции во спротивно. Не се усвои надзорот над работата на локалните инспектори за животна средина да не биде од некоја Комисија при МЖСПП“, се вели во реакцијата.
Еко-активистите бараат подобар закон за инспекција против загадувањето