Одбележување на Светскиот ден на филозофијата на Филозофски факултет

Во четврток (21 ноември) во Свечената сала на Филозофскиот факултет од 9:30 часот, Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје и Филозофското друштво на Македонија по 16-ти пат ќе го одбележат Светскиот ден на филозофијата. Овој ден е востановен од УНЕСКО и се слави низ целиот свет, со фокус на филозофијата и нејзините придобивки.

Годинешното чествување на Светскиот ден на филозофијата ќе биде отворено со пригоден Мал концерт на трио гитари од Факултетот за музичка уметност, м-р Дарко Багески, професор на класата, и студентите Ѓорѓи Трајков и Виктор Драганов. По концертот ќе следува традиционалната Беседа за филозофијата, годинава со професорот Владимир Давчев, кој ќе говори на тема „Треба ли да стравуваме од вештачката интелигенција: филозофски дилеми“.

Во продолжение ќе бидат презентирани резултатите од проектот на Институтот за филозофија: „Теориска и практична надградба на предметните програми од филозофскиот корпус предмети (Филозофија, Логика, Етика, Естетика) за средно образование“ од страна на неговите професорите Јасмина Поповска, Дејан Донев и Марија Тодоровска,  а најавена е и промоција на 25. издание на националното филозофско списание „Филозофска трибина“ за кого пригодна промотивна рече ќе одржи проф. д-р Мирко Ѓошевски.

Централен настан на прославата ќе биде симпозиумот на тема „Човекот како мера: 2500 од раѓањето на Протагора“ во којшто во две блок сесии ќе земат учество четиринаесет (14) реномирани филозофи, професори и истражувачи од земјата и странство.

Настанот е отворен за пошироката публика и за сите љубители на филозофијата коишто ќе можат да се вклучат во општите дискусии со излагачите со свои прашања и размислувања за отворените теми.