Одбележување на октомври, месец на лица со Даунов синдром

Центарот за младински активизам Крик го одбележува месецот октомври, кој е посветен на лицата со Даунов синдром.

Во октомври, како и во текот на целата година, Крик спроведе низа активности со цел подигање на свеста кај пошироката јавност за лицата со Даунов синдром. За да се прослави месецот, организираат забава која ќе се одржи во петок (30.10) со почеток од 20:00 часот на Старата скопска чаршија во Безистенот. На неа ќе биде прикажано видео подготвено од здружението и едукативни видеа за Дауновиот синдром. Забавата е отворена за сите кои сакаат да го одбележат месецот на ова генетско нарушување.

Годинава дел од активностите, чија цел беше да ги запознаат младите луѓе со неколку лица кои имаат Даунов синдром, беа спроведени на социјалните мрежи, преку споделување на нивни фотографии и интересни работи за нив.

Даунов синдром е медицинска состојба која претставува облик на хромозомопатија, односно грешка во комбинацијата на хромозомите во 21 пар на хромозоми, која настанува при клеточната делба на новиот плод. Застапеноста на Дауновиот синдром е едно на 800 или 1000 раѓања. Иако некои од физичките недостатоци не можат да бидат надминати, соодветното образование и грижа може да го подобри квалитетот на живот кај овие луѓе.