Одбележани 75 години од нападот врз Хирошима

Огромно ѕвоно одекна утрово во Хирошима на 75-годишнината од првиот напад на атомска бомба во историјата, на почетокот на комеморативната церемонија од каде градоначалникот Казуми Мацуи ги повика сите земји да го отфрлат себичниот национализам и да се обединат во борбата против сите закани, пренесува српски „Н1“.

Поради мерките против коронавирусот, влезот во меморијалниот парк на мирот на комеморативната свеченост годинава беше ограничен само на преживеаните и нивните семејства.

Со оглед на значењето на 75-годишнината од бомбардирањето во кое загинаа 140.000 луѓе, и покрај епидемијата на коронавирусот, градските власти со строги мерки на претпазливост, сепак одлучија да ја одржат комеморацијата.

„На 6 август 1945 година една атомска бомба го уништи нашиот град. Во тоа време, се зборуваше дека тука нема да порасне ништо во наредните 75 години, но, сепак, Хирошима закрепна и стана симбол на мирот“, рече градоначалникот Мацуи.

Небото беше јасно на 6 август 1945 година, кога во 8 часот и 15 минути американскиот бомбардер „Б-29 Енола Геј“ ја фрли атомската бомба врз градот.

Три дена по Хирошима, втора атомска бомба е фрлена на градот Нагасаки. Јапонија капитулирала на 15 август, отворајќи го патот за крајот на Втората светска војна.